Можеби и како во сите области, така и во здравството не ни треба рестарт, туку ни треба една трансформација. Целосна трансформација затоа што времето како да не го следиме, и сега сето тоа кога ќе му при додадеме лошо менаџирање посебно последните 6 години од владата на СДСМ и ДУИ, тогаш рестартирањето не би било соодветна мерка која што идната влада на ВМРО-ДПМНЕ би требало да го направи. Нас ни треба целосна трансформација, дециден е претседателот Христијан Мицкоски во неговото обраќање на денешната дебата Здравствена платформа за иднина на тема Концепт за здравство.
Мицкоски се наврти од самиот почеток на владата на СДСМ и ДУИ и рече дека ветуваа живот, а донесоа смрт.
Тие ветуваа живот. Но, за жал донесоа се само не живот. Ќе ве вратам во периодот на почетоците нив кога беа избрани за влада, од оние политички гимнастики не ваков Клинички центар, туку таков, па поништува договори, па го префрлаа на една локација, па на друга локација итн. И се до денеска ќе видите дека имаат еден континуитет, а тоа е да не ја говорат вистината. Тие не ја говорат вистината, односно манипулираат и лажат. Од тој почеток , па потоа периодот кога се случи онаа пандемија со ковидот сите недостатоци и сето незнаење и неорганизираност на владата испливаа на површина. За жал, тоа македонските граѓани го плаќаа најмногу во Европа и најмногу во свет со живот. Не беа подготвени за ништо и тоа беше една системска слабост која што беше јасно воочлива. Нивната неспособност и не знаење изминатите 6 години наместо живот, донесоа смрт за жал за најголем дел за нашите сограѓани, а здравството за жал ни се наоѓа во една коматозна состојба, на апарати, рече тој.
Мицкоски истакна дека според сите истражувања здравството е втора тема само во Македонија која ги мачи граѓаните и нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ ќе се погрижи сите граѓани да добијат соодветна здравствена нега и услуга која што ја заслужуваат онака како што треба.
Само во Македонија здравството е втора тема која што ги мачи граѓаните како проблем и тоа да ни биде нас своевиден мотив како политичка гарнитура како тоа воопшто да не биде тема, односно сите граѓани да добијат соодветна здравствена нега и услуга која што ја заслужуваат онака како што треба, објасни тој.
Мојата суштинска порака е дека ВМРО-ДПМНЕ треба да покаже поинаков пристап со здравството, вели Мицкоски и најави дека оние кои што на маката и здравјето на пациентите ќе се богатат ќе бидат санкционирани и ќе бидат изведени пред лицето на правдата со докази.
Оние малкумина кои што го злоупотребуваат здравствениот денар, оние малкумина кои што мислат дека на здравјето на пациентите ќе злоупотребуваат и лично ќе се богатат, јас ви ветувам дека ќе бидат санкционирани и ќе бидат изведени пред лицето на правдата со докази. Се разбира нема тоа да биде политичка хајка бидејќи ВМРО-ДПМНЕ нема намера да организира спектакуларни холивудски апсења како што тоа беше одлика на некои минати времиња. напротив со јасни аргументи и докази имаме веќе индиции и ќе кажеме кои се тие малкумина, за да не го валкаат името на многумината чесни кои се грижат за нашите пациенти. И ќе покажеме дека не се сите исти бидејќи тоа е нашата максима, дека не се сите исти. И тоа мора да го направиме веднаш, офанзивно уште во првите неколку месеци од идната влада на ВМРО-ДПМНЕ.