Кадровата политика е тема која треба да биде високо на приоритетите на една влада со цел да имаме функционирање на здравствениот систем, рече доктор Ирена Алексиоска Папестиев, член на Комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ на денешната дебата Здравствена платформа за иднина на тема Концепт за здравство што се одржува во Штип.

Според Алексиоска Папестиев здравството е камен на сопнување на секоја влада.

„За истото има голем буџетски издаток, но и треба да биде затоа што истиот тој се употребува за чување на здравјето на граѓаните. Но, за жал седум години не беше така во времето на СДС и ДУИ. За нив здравствениот сектор беше поле каде се кршеа копјата за формирање на коалициски договор и во зависност од тоа која партија ќе го добие зависеше дали ќе има коалиција или не“, кажа Алексиоска Папестиев.

Доктор Алексиоска Папестиев посочи дека здравствениот сектор власта на СДС и ДУИ го користеше за поставување на партиски послушници и тоа водеше кон дисфункционален систем. Или како што додаде, вработувања имаше каде не треба и обратно.

„Четири министри за здравство се сменија, а ниту еден не излезе со кадровска стратегија за решенија за правилно вработување на лекари, медицински сестри, помошен медицински персонал со цел да се подобрат здравствените услови секаде низ цела Македонија“, кажа Алексиоска Папестиев.

Докторката посочи дека педијатри има најмалку. Таа посочи дека до крајот на годината има проценка дека ќе останат само 15 матични педијатри или ако дете да се разболе да нема каде да се однесе.

„Има незадоволни здравствени работници, а тоа води кон незадоволни пациенти. Во последните пет години 939 лекари врз база на добиени дозволи за работа ја напуштиле државата. Значи сериозно иселување на младите затоа што оваа власт не им даде надеж дека може да го искористат својот потенцијал тука“, заклучи Алексиоска Папестиев.

Алексиоска Папестиев се осврна и на решенијата за подобар здравствен систем и како да остане тука медицинскиот персонал.

„Треба да има достоинствени плати и да им се врати кредибилитетот. Тоа ќе се направи со современа континуирана медицинска едукација врз база на современи светски протоколи кои ќе бидат почитувани од сите здравствени работници“, рече Алексиоска Папестиев.

Дополнително, укажа докторката дека, мора да има кадровска стратегија, и современа инфраструктура за да можат граѓаните да добијат соодветен и навремен третман, односно дијагноза.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/02/2024 17:24