Поранешниот албански претседател и актуелен лидер на Партијата на слободата Илир Мета денеска престојуваше, како што вели, меѓу прекрасната македонска заедница во Мала Преспа.
-На големо задоволство на македонските граѓани во Пустец, денеска во посета беше поранешниот претседател на Албанија, Илир Мета, кој редовно ја посетуваше Преспа и кога беше шеф на државата, информираше лидерот на огранокот на партијата за Мала Преспа, Панди Јани.
Додава дека на средбата со Македонците во Пустец, изразил поддршка кон културни, економски и општествени интереси на Македонците.
- Го нагласи големото значење на пријателските врски помеѓу соседните нации и значењето на заедничкото градењето на благосостојба и заемно разбирање. Овој собир беше прилика за дискусија и споделување на идеи, како и израз на припадност и заедништво меѓу Македонците во Пустец. Илир Мета ја поздрави, како што секогаш ја нарекува, прекрасната македонска заедница и го изрази своето залагање кон мултиетничката хармонија што се создава во поширокиот регион, посочува Панди Јани.
Оваа посета, оценува тој, е доказ за пријателски врски и се надеваме дека ќе продолжат да се засилуваат во иднина, со цел за подобрување на условите за живеење на нашите граѓани и развојот на регионот.