„Како информација во Република Македонија чинам дека околу 15% од фирмите, од компаниите се производни компании. Тие носат додадена вредност во нашата држава, тие креираат материјална вредност во нашава држава. Ние од Сојузот на стопански комори сметаме дека силно треба да се насочат соодветни мерки, креирање на амбиент од страна на државата, креирање на соодветни кредитни линии кои што директно ќе ги засегнат односно директно ќе влијаат на тие компании за да можат и понатака сериозно и силно да се развиваат“, истакна Горан Ѓорѓиевски, стопанственик, потпретседател на Сојузот на стопански комори на Македонија на дебатата Економска платформа за иднина на тема „Нов концепт за економски развој“ која се одржа во Велес.

Ѓорѓиевски додаде дека две важни области се иновациите и претприемништвото. Многу малку се има обрнато внимание на тоа. Изминативе седум години не би ги коментирал тој, тие години се една голема негативност во однос на креирањето и таргетирањето на такви компании. Тој рече дека говори за реалните компании.

„Од есенцијално значење е силно да се таргетираат иновативните компании, силно да се таргетира претприемништвото, силно да се таргетираат производните компании. Бидејќи на еден начин, ние од бизнисот знаеме дека на нив се надоврзуваат услужните компании и сет на други компании кои што примарно им е потребно да имаат такви производни компании за да потоа тие функционираат на соодветно ниво односно на квалитетен начин“, појасни тој.

Тој посочи дека има една ситуација односно има проблем со ликвидност со која што се соочуваат компаниите. Компаниите се наоѓаат и во стагнација. А, вториот сериозен односно огромен проблем за кој што постојано се говори е проблемот со човечките ресурси.

„Имаме дадена ситуација во која што на влез, влезните импути за дадениве компании слушаме повеќе пати од страна на Владата дека има стабилизација на нивните вредности. Значи говориме за материјалните трошоци дека тие се стабилизирани. Да, стабилизирани се цените, но на повисока вредност. Електричната енергија која што влегува во секој бизнис различно, нели во зависност од категориите на бизнисот, вчерашната цена конкретно на ХУПЕКС чинам дека беше околу 95 евра за мегаватчас. Пред кризата таа вредност беше околу 60 евра за мегаватчас. Значи има стабилизација, но на 50% повисока цена. И сега доаѓате во едно ситуација каде што влезовите ви се за 50% зголемени, а барате на излезот да има иста цена или пак да има замрзнати цени. И сето тоа креира голем недостаток на ликвидност“, рече Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски истакна дека компаниите се гушат и бараат излез во однос на финансиите.

„Сето тоа придонесува нели загушување на компаниите и нивна стагнација. Стагнираат оние финансиски проекти кои што си ги планирале наназад во текот на годините или пак стагнираат некои други соодветни интерни, внатрешни инвестиции, и сето тоа води односно не донесе во овој магичен круг каде компаниите практично се чувствуваат беспомошни“, посочи тој.

Ѓорѓиевски укажа дека вториот елемент кој што е многу сериозен е одливот на човечки ресурси што се случува кон западните земји.

„Потребен е многу важен закон кој што ќе им помогне на производителите на земјоделски производи, и кој што ќе им помогне на произведувачите на храна“, нагласи тој.

Ѓорѓиевски нагласи дека Владата треба да се грижи за компаниите за да економијата во државата има раст.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/02/2024 23:18