Во првиот поткаст на Плусинфо, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски зборуваше за односите со Бугарија, за предлозите на неговата партија за решавање на спорот, за глобалните трендови во меѓународната политика, за изборната трка во САД, за стигматизирањето на десницата во Македонија и за повеќе други интересни теми.

Кога Владата почна да зборува за хрватско решение и кога ВМРО-ДПМНЕ рече дека го прифаќаме, тие ретерираа. Еден дел од Владата не знаеше што е тоа хрватски модел, а другиот дел од владата блефираше. Потоа рековме, подготвени сме да прифатиме одложена примена на уставните измени. И тоа беше отфрлено. Сега велиме, дајте да видиме кои се гаранциите за Република Македонија од гледна точка на извесноста на патот и напредокот кон полноправно членство, затоа што гледаме дека 20 години наназад неправедно ни се создава неизвесност“, изјави тој.

Зборувајќи за спорот со Бугарија, Муцунски вели:

– Дајте да видиме тој сосед, кој што има очекувања од нас во делот на некоое нивно проширено толкување за проширување на малцинските права на Бугарите во Македонија, дали тој е подготвен да даде пример на почитувањето на правата на македонското малцинство кое што живее на територијата на Бугарија.

На прашањето на новинарот на Плусинфо Костадин Героски дали е реално да се очекува нешто да добиеме со таквите заложби, Муцунски одговара: Доколку сме проактивни и ако го искористиме геополитичкиот контекст којшто ни оди во полза, можеме нешто да добиеме. Најдобар доказ за тоа е тоа што се случи пред повеќе од еден месец, кога во Советот на ЕУ видовме како пристапот на консензуалност во одлучувањето се замени со пристапот на празно столче, кога се одлучуваше за почетокот на пристапните пореговори за Украина.

Муцунски предвидува дека Западниот Балкан ќе биде еден пакет од гледна точка на пристапување кон ЕУ. Во овој момент, Србија, Црна Гора и Албанија се сметаат за првиот пакет, додека во вториот пакет се Косово и Босна и Херцеговина. Неизвесно е каде е Македонија. Анализирајќи го досегашното искуство на проширувањето на Унијата, посебно бранот на проширување со земји членки од Централна и Источна Европа, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ смета дека Западниот Балкан ќе биде апсорбиран од страна на ЕУ во еден пакет, без оглед што земјите се борат со своите индивидуални достигнувања. Ние не треба да продолжиме да правиме непромислени потези во надворешната политика, создадени врз основа на лажни очекувања. Како, на пример, митот којшто СДСМ се обидува да го наметне во моментов, дека до 2030 година Македонија ќе стане земја членка на Европската Унија. Тоа што СДСМ вели „дајте ни сега мандат, ние ќе ја внесеме Македонија во Европската Унија до крајот на мандатот“, тоа е ноторна лага.

Коментирајќи ги наративите на, како што го нарекува, „самопрокламираниот европски фронт“, Тимчо Муцунски вели: Aко се навратиме само на последните месец до два, гледаме дека „европскиот фронт“ е „фронт“ на напад на зградата на М-НАВ, „европски фронт“ за набавка од страна на државната лотарија на неколку илјади слот машини, „европски фронт“ во кој што роднина на висок функционер на свои 27 или 28 години купи зграда од неколку милиони евра во центарот на Скопје, „европски фронт“ којшто доби еден од најнегативните извештаи од Европската комисија за напредокот на Македонија во последните години. Тој е тој самопрокламиран „европски фронт“. Во реалноста, далеку е тој од Европа. Тие луѓе не можат да решат ни најмал локален проблем, а камоли прашање од стратешки надворешно-политички приоритет за нашата држава. Голем дел од своето детство и средношколските години актуелниот градоначалник ги поминал во САД и во Канада. Но, во студентските денови тој се враќа во Македонија. Во ВМРО-ДПМНЕ, иако еден од најмладите кадри во партискиот врв, се смета за одличен познавач на меѓународната политика и на глобалните трендови. Во поткастот на Плусинфо тој ги анализираактуелната политичка трка за претседателските номинации во САД, како и спецификите на двете општества.

– Кога почна кампања во Републиканската партија, јас на неколку пријатели им реков дека личноста што треба да се следи е Ники Хејли. Таа, ако така може да се каже, беше и некој мој личен фаворит. Но, и тогаш беше извесно дека Републиканската партија е партијата на Доналд Трамп – вели Муцунски и предвидува дека Хејли наскоро ќе се повлече од трката. За шансите на Доналд Трамп и на Џо Бајден на претседателските избори, Муцунски смета дека е тешко да се предвидува, дека клучно е кој ќе победи во сојузните држави Пенсилванија и Охајо, но сепак смета дека во моментов фаворит е Трамп. Повеќе значајни прашања ќе го одлучат победникот.

– Важно прашање е и војната помеѓу Палестина и Израел. Бидејќи посебно кај младите гласачи во САД, се гледа создавање на еден пропалестински сентимент. Тоа е нешто што не му одговара на Бајден, зашто клучната демографска група којашто му овозможи да победи на последните избори беа младите – вели тој. Муцунски во интервјуто за Плусинфо зборува и за стигмата кон десната идеологија во Македонија, кон традиционалните вредности, кон луѓето што успеваат во деловната заедница, во уметноста, во културата. Тој се залага за странски директни нинвестиции, но е застапник и на тезата дека треба да создаваме што е можно подобра делоавна клима за тие луѓе коишто имаат пари во Македонија да се мотивираат да инвестираат за заеднички економски развој.

– Сметам дека има прогресивност во ВМРО-ДПМНЕ, посебно кај младите луѓе. За жал, кај нас тој збор „прогресивност“ кај нас многу често се искористува како демагогија и гола реторика, посебно кај одредени партии на левицата. Тоа што вие го афирмирате семејството, тоа што вие ставате примат на одредени конзервативни вредности, не ве прави ретрограден. Тоа значи дека имате сфаќања базирани на вашето минато, на вашето семејство, на вашето искуство, на вашите гледишта за иднината, за коишто сметате дека треба да бидат ставени на пиедестал во нашето општество – вели тој. Муцунски зборува и за меѓуетничките односи, убеден дека врз основа на граѓанскиот концепт ВМРО-ДПНМНЕ ќе успее да пронајде блискост со албанската опозиција и по победата на изборите партнер за формирање на новата влада. Тема за разговор е и корупцијата, „најстрашниот канцер во нашето општество“.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/02/2024 19:20