Лондонскиот аеродром „Гетвик“, вториот по големина аеродром во Велика Британија, е најстресниот аеродром во светот, според истражувањето на сајтот за информирање за визи VisaGuide.World.
Второто место го зазема аеродромот во Истанбул, кој е најпрометниот аеродром во Европа, со над 64 милиони патници во 2022 година, пренесува „Јуро викли њуз“ (Euro Weekly News) и додава дека овој најфреквентен европски аеродром, се простира на над 76 милиони квадратни метри.
На трето место е аеродромот во Минхен, кој опслужува половина од патничкиот сообраќај на аеродромот во Истанбул, но е значително помал по големина.
Меѓународниот аеродром Денвер во САД е на четврто место, а по него е аеродромот „Хитроу“, вториот најфреквентен аеродром во Европа.
Останатите аеродроми кои спаѓаат во првите 10 најстресни се: Меѓународниот аеродром во Лос Анџелес, аеродромот во Рим „Фјумичино“, аеродромите „Далас-Форт Ворт“, „Џон Ф. Кенеди“ во Њујорк и меѓународниот аеродром „О'Харе“ во Чикаго.
Истражувањето опфатило 1.642 патници од 53 земји, кои оствариле најмалку две меѓународни патувања во 2023 година, кои одговарале на прашања за аспектите на патувањата со авион кои предизвикуваат стрес, како што се големиот број патници, преполните аеродроми, честите доцнења и оддалеченоста на аеродромот од центарот на градот.