Фестивал на современа македонска поп музика „Поп култура“ ќе се одржи вечер во 20:30 часот во едукативниот културен центар „Лабораториум“ во Скопје.

На „Поп култура“ со концерти во живо ќе се престават „Young Dadi“, „Zee“, „Matej Foltz“ и „Vanski“, а атмосферата ќе ја загрее со диџеј сет „Dimchuga“. Како специјална гостинка од Суботица, Србија ќе настапи и младата раперка „Mlada Beba“.

„Поп култура“ е дел од платформата СИЛАТА ЕУ МЛАДИТЕ и е резултат на партнерска соработката со „ZIMA“, „WHY2K?“ и Лабораториум.

-На сцената публиката ќе има можност на едно место да ги чуе во живо песните и хитовите на најзначајните млади претставници на современата македонска поп музика. Поп Култура прави пресек на хип-хоп движењето, како најраспространета и најпопуларна форма за израз на денешната младина, кое се развива во една свежа, модерна и динамична сцена, како носечка сила на новата генерација млади творци, чија музика веќе има свој одек и признание во регионот. Талентот и посветена работа ги прават овие музичари кремот на современата поп-хоп и воопшто млада македонска урбана култура, наведуваат организаторите.

„Поп Култура“ наскоро ќе добие и винил издание, албум-компилација кој дава пресек на современата поп продукција на млади македонски музичари. Компилацијата, се посочува, претставува значаен историски документ, запис за времето и квалитетот на оваа сцена, на се уште најценетиот носач на звук во светот – Винилот.

Плочата ќе биде во издание на ПМГ Рекордингс од Скопје



Автор: Администратор
Објавено на: 17/02/2024 17:13