Европската унија ја осуди одлуката на Русија да ја прогласи Радио Слободна Европа, која е финансирана од САД, за „непожелна организација“, соопшти денеска портпаролот на ЕУ, Питер Стано.

Стано на социјалната мрежа Х напиша дека ова е уште еден напад на Москва врз слободата на медиумите, изразувањето и плуралистичкиот пристап на граѓаните до информации.

„Русија треба да го укине законот за непожелни и странски агенти што се користи за репресија и замолчување на критичките медиуми“, напиша тој.

Министерството за правда на Русија вчера го додаде РСЕ на списокот на странски и меѓународни невладини организации чии активности се препознаваат како непожелни на територијата на Русија, објавено е на веб-страницата на Министерството.

Оваа медиумска корпорација е класифицирана како „странски медиумски агент“ во Русија. Претходно, Јавното обвинителство на Русија одлучи да ги означи активностите на РСЕ како непожелни.

Московскиот суд прогласи банкрот на работењето на Радио Слободна Европа во Русија минатиот март, откако компанијата одби да плати серија казни во вкупна вредност од над една милијарда рубљи (14 милиони долари) за кршење на рускиот закон за странски агенти.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/02/2024 04:18