Вработените во аргентинската железница денеска почнаа еднодневен штрајк поради строгите мерки на претседателот Хавиер Милеи и намалувањето на платите и пензиите, а денеска планираат да престанат со работа и здравствените работници.

Државните службеници нема да доаѓаат на работа ниту на 26 февруари, а прекин на работата најавија и некои помали синдикати на наставници.

Портпаролот на Милеи, Мануел Адорни го осуди штрајкот на железничарите истакнувајќи дека со него се погодени пвеќе од милион патници.

- Ова не е против националната влада, ова е против народот, рече тој.

Посилните синдикати во Аргентина ја осудија политиката на новиот десничарски претседател откако тој дојде на власт на крајот на минатата година, а на 24 јануари беше организиран генерален штрајк.

Откако потрошувачките цени се зголемија за 254 отсто на годишно ниво, мерките за штедење што ги воведе Милеи доведоа до голем пад на приходите на Аргентинците, а само во декември зголемувањето на платите од 8,9 отсто беше безначајно поради месечната инфлација од над 25 отсто.

Сепак, аргентинските државни обврзници неделава зајакнаа, при што владата го забележа својот прв месечен фискален суфицит по повеќе години. Ваквите буџетски резултати биле можни со намалување на трошоците за социјално осигурување за 30 отсто, но според некои аналитичари, таквата стратегија „не може да се одржи долго време, и владата мора да се прејде од сегашниот план за вонредни ситуации на одржлива програма за економска стабилизација“.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/02/2024 04:19