Во моментот Стево Пендаровски е единствениот врвен политичар во Македонија кој што на интервју на новинарот му се обраќа на ТИ. Не знам дали познавате втор кој што дава интервјуа како да разговара со другари на клупа во маало, вели Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.

Николоски додава и дека Пендаровски е единствениот „естраден“ политичар во Македонија кој работното време го троши на трач муабети со новинари и претставници на јавниот живот.

- Стево Пендаровски е единствениот врвен политичар кој што користи изрази за кои што ми е срам да ги употребам тука затоа што не се дел од моето домашно воспитување. И е единствениот политичар кој што најмалце пола од своето работно време, а некогаш и цело го користи да собере таму новинари, претставници на јавниот живот итн. и да озборува други јавни личности и политичари, најчесто за нивниот приватен живот и најчесто неточно“, додава Николоски.

Николоски појасни дека Пендаровски во целост ја користеше Агенцијата за разузнавање за да прераскаже некој најнов „трач“.

„Во таа насока формата преку која што тоа го правеше и злоупотребуваше е токму Агенцијата за разузнавање. Агенцијата треба да е очи и уши на безбедноста на Македонија надвор од државата, да препознава закани кои што доаѓаат од други држави кон Македонија, да работи на територија на други држави и да ги препознава тие закани и да информира до дипломатско конзуларните претставништва, и до соодветните институции во Македонија за тие закани. Но, наместо тоа Агенцијата се претвори во една збирштина која што пола ден се занимава со озборување најчесто неточно, а другиот пола ден се занимава со фабрикување на извештаи што ги испраќа кај стигне, 99% исто така неточно“, укажа Николоски.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/03/2024 18:21