На листата на кандидати кои собираат потписи од граѓаните за претседател на државата се приклучи нов кандидат. Гоце Ристов ќе треба до петок да ги собере потребните 10 000 гласови од граѓаните, бидејќи тогаш согласно Роковникот од ДИК завршува рокот за собирање потписи.

Досега седум кандидати успеаја да го обезбедат своето место на изборите за претседател на државата.

Според најново објавените податоци на Државната изборна комисија, до овој момент кандидатот на Социјал демократскиот сојуз (СДСМ) Стево Пендаровски има собрано 22 411, Гордана Силјановска кандидат на ВМРО-ДПМНЕ 28 029 гласови, Максим Димитриевски од ЗНАМ - 11 602 потписи, Бујар Османи од ДУИ - 11 085, Стевчо Јакимовски - 11 093 потписи, Арбен Таравари - 10 710 потписи и Ванковска Цветковска 10 469.

Сите останати пријавени кандидати за шеф на државата имаат помалку потписи - кандидатката Мерсиха Смаиловиќ поддржана од Бошњачкиот демократски сојуз има 1 684, кандидатот Вело Марковски 1 509 потписи, Ѓорѓи Манасков 453, Зорица Цветковска 233, Господин Попоски 133 потписи. Според податоците од ДИК, во овие пет дена, ниту еден потпис нема за кандидатот Томе Николоски.

Собирањето потписи се одвива во сите подрачни одделенија и канцеларии на ДИК сместени во седиштата на 34 локални самоуправи и пред надлежните нотари.

Учесниците на изборите, листите со кандидати за претседател на државата треба да ги достават до ДИК најдоцна до 19 март, на полноќ.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/03/2024 02:50