Градежништвото генерално важи за машка професија. Интересот за оваа струка кај жените е помал, но, полека и сигурно се рушат стереотипите. Во последната деценија се забележува пораст на жените на раководни позиции во оперативата.

Ивана Димитрова од АД „Гранит“, експерт за изградба на мостови, која е и претседателка на Секцијата на жени при Сојузот на синдикати на Македонија, во изјава за МИА вели дека иако има огромен пораст на свесноста меѓу луѓето, сепак се уште сме многу далеку од рамноправност меѓу жените и мажите, особено во градежништвото.

- Фактот дека застапеноста на жените во градежништвото е помала од пет проценти, говори за атрактивноста на струката меѓу жените. До сега жените најчесто се ангажирани во администрацијата иако морам да потенцирам дека порастот на жените на раководни позиции во оперативата во последната деценија е значително зголемен. Полека, но сигурно се рушат стереотипите за генерализација на градежништвото како машка професија. Во повеќето градежни компании има жени раководители на најсложени објекти, раководители на армирачки погони, бетонски бази, лаборатории, но недостигаат жени тесари, армирачи, молерофарбачи, посочува Димитрова.

Вели дека има јаз во платите меѓу мажите и жените, но дека тоа не е тренд само во земјава, туку и во најразвиените европски држави.

Димитрова, која е првиот инженер во земјава кој раководел со изведба на мост со најсовремена методологија на градба, смета дека во градежништвото има простор за професионален развој и дека се повеќе се дава шанса на добриот инженер или техничар, без разлика на тоа дали сте маж или жена.

- Како дел од најголемата градежна компанија во државата, морам да признаам дека можностите за напредок во градежништовто исклучиво зависат од индивидуалните потреби на поединците, а не од тоа дали сте маж или жена. Можам да се пофалам дека сум првиот инжинер во државата која раководеше со изведба на мост со најсовремена методологија на градба што значи дека услови за професионален развој постојат. Единствено загрижувачки е фактот што градежните компании во кои можете да го стекнето тоа знаење се една или две. Останатите компании се многу мали, и можноста за професионален развој е ограничен. Но генерално гледано, во градежништвото има простор за огромен професионален развој, нагласува Димитрова.

Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање (СГИП) при ССМ годинава под мотото „Нема повлекување-Жените се борат за демократија“ се приклучува кон Интернационалната синдикална организација за градежништво и шумарство во одбележувањето на Меѓународниот ден на жената.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/03/2024 20:58