Стјуардесите се обучени и задолжени да се справат со многу видови случаи при лет - како што е и итна помош или ненадејна смрт на патник.
Според Меѓународното здружение за воздушни патувања, има просечно еден ненадеен смртен случај на 40.000 летови, а според други испитувања, тој сооднос е 1:200.000 патници. Итните медицински случаи се нешто почести. Поранешната стјуардеса Лиза Хјуз открива што би се случило ако на некого му се слоши за време на лет.
- Екипажот веднаш ја проценува состојбата околу тој патник. Ние сме обучени за основна прва помош и имаме медицинска опрема за итни случаи. А, првиот чекор е да прашаме дали во авионот има медицински професионалци кои се подготвени да помогнат. Комуницираме и со пилотската кабина за да го известиме капетанот. Авиокомпаниите имаат и свои специфични протоколи за справување со медицински итни случаи, а честопати се консултираат и со лекари преку наменска комуникациска линија, објасни таа.
Во зависност од тежината на случајот, екипажот може да спроведе основна лекарска нега, како што е давање кислород, лекови или други слични мерки за прва помош. За посериозни состојби, капетанот може да одлучи да го пренасочи летот до најблискиот аеродром, за патникот да се згрижи в болница што е можно поскоро.
- Нема правило за промена на патеката на летот во случај на смрт на самиот лет. Пилотот мора да следи одредени прописи за известување, во зависност од земјата и јурисдикцијата на одредишниот аеродром, како и протоколот на компанијата, изјави директорот на светската агенција за човековата безбедност Глобал рескју“ (Global Rescue), д-р Арнолд Сејд, за „Си-ен травелер“ (CN Traveler).
Имено, протоколот во случај на смрт на патник при лет - варира по авиокомпанија. Главно, тоа вклучува преместување на телото во пооддалечно место, ако тоа е можно. Тоа може да биде и празно седиште, ред или просторот за одмор на екипажот.
Достоинството на починатиот е должност на вработените. Тие го покриваат телото и прават сѐ тоа да не биде видливо за другите патници. Авионот обично продолжува до својата дестинација, каде што го преземаат властите, а компанијата обезбедува поддршка за семејството на починатиот.