Во галеријата „КО-РА“ вечер ќе биде промовирана книгата „СТИХОВЕРЗУМ“ од Мирослав Трајковски - Мики.
„СТИХОВЕРЗУМ“ е во издание на „Академска мисла“, а рецензент е проф Д-р Моника Стојанова. Промоцијата и издавањето на книгата е во рамките на културната понуда на Град Скопје како Европска престолнина на културата 2028 година.
Стихозбирката е составена од 41 песна, чии теми, според авторот, се поврзани со љубовта, болката, духовноста, радоста на постоењето, но и тагата со сите реални и имагинарните чувства кои прават еден посебен, свој, автентичен универзум. Оттаму и насловот го носи името СТИХОВЕРЗУМ - односно универзум од стихови.
Мирослав Трајковски-Мики е роден 1994 година во Скопје. Во родниот град го завршува своето образование и високите студии по Агроекономија на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Љубовта кон убавиот пишан збор и литературата ја негува уште од рана возраст, пишувајќи песни и кратки раскази. Од 2014 година учествува на различни поетски и литературни манифестации. Во 2019 година станува и првиот добитник Македонец, на награда за најубав избор на песни - поезија на Меѓународниот славјански фестивал во Харков, Украина. Досега има издадено повеќе текстови и материјали. Во 2020 година ја издава својата прва самостојна книга „Белези“ - песни и писма, за која е избран за најдобар млад автор на конкурсот за прва книга во рамки на проектот „Млади македонски писатели“.