Во битолскиот Музеј, од синоќа, отворена е изложба Народни носии од колекцијата на Костадин Балкански, колекционер од Скопје.

Во изложбата се изложени женски народни носии од Мијаците од Смилево и Крушево, Дебар, Битолско Поле, Прилепско Поле, Мариово и една машка носија од Смилево, комплетно опремени со накит.

-Изложени се и поединечни предмети, дарпни - марами за на глава, обруси, коцели, сокај од Битолско Поле и други предмети од богатата колекција која брои над 1200 предмети од различни краеви во земјава, кои потекнуваат од првата половина на 19 до првата четвртина на 20 век, изјави за МИА Наде Геневска-Брачиќ, етнолог кустос во НУ Завод и музеј Битола.

На синоќешното отворање беше посочено дека Балкански, интерес за носиите покажал на 16 години, на првиот терен организиран од средното музичко училиште „Илија Николовски Луј“, во пределот Мариово и тоа во селата Витолиште и Полчиште. Негов предизвик е пронаоѓање на постари типови на елементи од носијата кои веќе не се наоѓаат на терен и претставуваат реткост. Неговата љубов кон фолклорот и традицијата ја остварува со неговото вработување во Ансамблот НУ „Танец“ каде настапувал на голем број меѓународни претставувања.

Изложбата поставена во НУ Завод и Музеј-Битола ќе биде отворена во наредните две недели.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/03/2024 16:33