Се поголем е бројот на донациите од стана на филантропите и поддржувачите на фолклорните групи кои достојно го претставуваат Пијанечкиот фолклор. Ваквите донации, како што истакна Перса Стојановска, претседател на здружението „Копачка“ од село Драмче, Делчево се од огромно значење за докомплетирање на народните носии кои се составен дел од обележјето на Фолклорната група Копачка.

Благодарение на повеќе хумани граѓани, како што додаде таа, играорците неодамна го збогатија својот фолклорен „инвентар“ со кои фолклорната група настапува ширум државата, но и во соседните земји.

-Голема благодарност за филантропијата од Гера Мотревска за невестинската крпа, рачникот и футата кои ги добивме неодамна. Ваквата помош за нас е од голема полза, а елементите ги користиме за докомплетирање на носиите. Однапред им благодариме и на сите оние, кои не распрашуваат дали сакаме да ни донираат фути, скутачи, крпи…, истакна Стојановска.

Таа ги охрабри и останатите да го направат тој благороден гест на дарување и да им помогнат во збогатувањето на архивата со елементи на автентична изворна носија.

-Претходно на 12.03.2024, добивме поклон- материјал од Гале Димитровска и Љупчо Димитровски кој ќе го искористиме за шиење на 10 машки елеци. Тие ни ветија дека ќе го платат и надоместокот за шиењето. Им благодариме од срце… ваквата поддршка многу ни значи. Отворена сме за соработка и со сите оние кои имаат желба да ги даруваат нивните елементи од носиите, кои се наоѓаат во ковчезите на нивните блиски родители, баби и дедовци, додаде Стојановска.

Здружението Фолклорна група Копачка како што посочи претседателката, со радост ќе ги прифати тие подароци кои во голема мера ќе придонесат членовите на групата да продолжат да ги нижат наградите за најавтентична носија.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/03/2024 04:17