Премиерот на Холандија, Марк Руте денеска изјави дека е важен апелот на Советот за безбедност на Обединети нации за итен прекин на огнот во војната помеѓу Израел и Хамас.

- Тоа што е потребно сега е: итен прекин на насилството, ослободување на сите заложници, итно масовно зголемување на хуманитарната помош за Газа и трајно решение, напиша премиерот во оставка на платформата Икс.

СБ на ОН нации денеска усвои резолуција со која се бара „итен прекин на огнот“ помеѓу Израел и Хамас во Појасот Газа, како и безусловно ослободување на заложниците. СБ на ОН првпат по шестмесечната војна во Појасот Газа бара „итен прекин на огнот“ за време на Рамазан, што трае уште две недели.

„За“ резолуцијата гласаа 14 земји, а само САД беа „воздржани“.

Резолуцијата беше поднесена од десет непостојани земји-членки на СБ. Во претходните обиди постојаните земји-членки на СБ на ОН ставаа вето, со што оневозможуваа усвојување на претходните резолуции за примирје во Газа.

САД досега ставија вето на три нацрт резолуции, а Русија и Кина двапати го блокираа американскиот предлог.

Во резолуцијата се нагласува и итната потреба да зголемување на хуманитарната помош и да се интензивира заштитата на цивилите ширум палестинската енклава.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/03/2024 05:16