Компанијата Боинг денеска објави дека нејзиниот извршен директор Дејв Калхун ќе се повлече од функцијата на крајот на оваа година.

-Очите на светот се вперени кон нас и знам дека ќе го поминеме овој период како подобра компанија, вели Калхун во писмото до вработените.

Тој рече дека Боинг ќе остане целосно фокусиран на враќање на стабилноста по извонредните предизвици во изминатите пет години, со приоритетна грижа за безбедноста и квалитетот.

Претседателот на Независниот одбор, Лари Келнер претходно изјави дека нема да бара реизбор на годишниот состанок на Боинг, а одборот веќе го избра Стив Моленкопф за негов наследник.

Моленкопф е тој што ќе го води процесот на одборот за избор на следниот извршен директор на Боинг.

Своето пензионирање од компанијата го најави и Стен Дил, претседател и извршен директор на Боинг Комерцијални авиони, а Стефани Поуп е именувана за негова наследничка.

Мултинационалната корпорација со седиште во САД, која дизајнира, произведува и продава авиони, беше под лупа на јавноста по серијата инциденти во кои беа вклучени нејзините комерцијални авиони.

Во авионот Боинг на Алјаска ерлајнс, кој во јануари оваа година доживеа експлозија во воздух, недостасуваа четири клучни завртки, кои беа дизајнирани да го држат задниот дел на вратата на место.

Моторот Боинг 737 на Американ Ерлајнс се запали во април 2023 година поради удар на птица, пред неговиот пилот безбедно да слета на аеродромот Колумбус.

Испораките на 787 Dreamliner на Боинг беа суспендирани речиси две години поради неколку производствени дефекти, што ја чинеше компанијата 5,5 милијарди долари од јануари 2022 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/03/2024 05:17