Европската комисија отвори истрага за неусогласеност на некои од правилата на „Алфабет“, „Епл“, „БајтДенс“ и „Мета“ со Законот на ЕУ за дигитални пазари (ДМА), јави дописникот на МИА од Брисел.

Истрагата е отворена поради сомнеж на Комисијата дека овие компании, кои имаат статус на „вратари“, не ги почитуваат нивните обврски согласно Законот и тоа „Алфабет“ во делот на менаџирањето кај „Гугл Плеј“ и самоистакнувањето на „Гугл Срч“, кај „Епл“ при менаџирањето на „Еп Стор“, како и при моделите за плаќање на „Мета“ и „Сафари“ на „БајтДенс“.

Покрај тоа, во рамки на истрагата ќе се испитува новата структура на „Епл“ за наплата на надоместоците за алтернативните продавници за апликации и праксата за рангирање на „Амазон“ на нејзините платформи, како и сомнежите дека компанијата не ги исполнува обврските да им овозможи на крајните корисници лесно да ги деинсталираат софтверските апликации на иОС, да ги менуваат стандардните поставки и да изберат алтернативна стандардна услуга.

Според ЕК, истрагата треба да утврди и дали „Алфабет“ и „Епл“ ги почитуваат нивните обврски од ДМА со кои се должни да им овозможат на развивачите на апликации бесплатно да ги „насочуваат“ потрошувачите кон понуди кои не се дел од е-продавниците за апликации на „вратарите“. Комисијата е загрижена дека мерките што ги преземаат „Алфабет“ и „Епл“ можеби не се целосно усогласени со одредбите од ДМА, бидејќи воведуваат различни ограничувања за промоција на понудите од страна на креаторите на апликации.

Во истрагата против „Алфабет“ треба да се утврди и дали при прикажувањето на резултатите од пребарување на „Гугл Срч“ се дава приоритет на понудите на платформите од мрежата на „Гугл“, како „Гугл Шопинг“, „Гугл Флајтс“ или „Гугл Хотелс“, пред конкурентските веб страници. Комисијата се сомнева дека „Алфабет“ нема фер и недискриминаторски однос кон останатите платформи.

Истрагата против „Мета“ треба да утврди дали компанијата ги користи личните податоци на корисниците преку различни основни платформски услуги без нивна согласност.

Комисијата, исто така, ќе преземе истражни чекори за собирање факти и информации дали „Амазон“ можеби ги фаворизира сопствените брендови на „Амазон Стор“.

Комисијата планира да ја заврши истрагата во рок од 12 месеци, по што ќе донесе одлука за евентуалните следни чекори.

Доколку се утврди прекршување на правилата од ДМА, Комисијата може да изрече парични казни во износ до 10 отсто од вкупниот промет на компанијата на глобално ниво, а во случај на нивно повторување казните може да достигнат и до 20 отсто од приходите. Дополнително, во случај на систематски прекршоци, Комисијата може да донесе дополнителни правни лекови како што обврзување на „вратарот“ да го продаде бизнисот или негови делови или да му забрани стекнување дополнителни услуги поврзани со системската неусогласеност.

Законот за дигитални пазари има за цел да обезбеди фер пазари во дигиталниот сектор и ги регулира односите помеѓу деловните корисници и потрошувачите во дигиталната економија. Согласно Законот, „Алфабет“, „Амазон“, „Епл“, „БајтДенс“,„Мета“ и „Мајкрософт“ во септември 2023 година беа прогласени за „вратари“ на дигиталните пазари, по што тие до 7 овој месец мораа целосно да се усогласат со сите обврски за ДМА



Автор: Администратор
Објавено на: 26/03/2024 17:31