Она што ни беше презентирано денеска, решава најголем број од нашите проблеми во делот на парафискалните давачки, регулаторната гилотина, во делот на член 218 од Законот за извршување, во делот на холдингот,.... Вака претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески ја оцени економската програма на ВМРО-ДПМНЕ која беше претставена од партискиот лидер Христијан Мицкоски.

По состанокот, Азески, на заедничка прес-конференција со Мицкоски, ги повтори барањата на бизнисот и порача дека нема да се толерираат оправдувања за она кој, што или како сторил во минатото. Стопанството, напомена Азески, досега, во многу претходни изборни циклуси беше излажано од ветувањата на политичките елити, но тоа веќе нема да го дозволи. Ако е потребно, најави, ќе се реагира и кај меѓународната заедница, кај ЕУ и САД.

Претседателот на Комората уште еднаш укажа дека бизнисот ќе бара капиталните инвестиции да се користат максимално и да нема пренамена, а Фискалниот совет максимално и професионално да ја врши својата функција и да биде ставен под мониторинг.

ВМРО-ДПМНЕ вети намалување на рамниот данок од 10 на осум отсто, борба со сивата економија, криминалот и корупцијата, ревизија на работата на УЈП и Фондот за иновации. Како што истакна Мицкоски, намалување на ДДВ не е предвидено, а за тоа дали ќе продолжи мерката „поврат на ДДВ“’ за граѓаните, допрва ќе се анализира. Тој најави и данок на добивка до пет отсто за мултинационални компании кои ќе консолидираат добивка во земјава. Приоритети во владата на ВМРО-ДПМНЕ, ќе бидат, нагласи, и дигиталната трансформација за отчетност и транспарентност на работењето на администрацијата, како и проверката на имотната состојба на граѓаните.

-Јас можам да кажам многу кратко и јасно дека, да, се излажавме во многу претходни циклуси и бевме прелажани во ветувањата на политичките елити. Сега нема да тоа да го дозволиме. Нашите чекори ќе бидат јасно утврдени и презентирани пред политичките чинители. Тоа значи дека секое скршнување од тоа што е договорено, ќе биде проследено со наше укажување да се врати состојбата или да се направи онака како што ние мислиме дека е најдобро. Потоа имаме намера максимално да го користиме правото на претседателот на непотпишување на законите кои се спроитвни на интересот на бизнисот, но на начин да се прави 30-тиот ден, а не првиот ден, како досега. Тоа значи во тој период да се успее да се проанализираат уште еднаш активностите, а не тоа по диктат да се направи првиот ден за да може да се истера нивната волја, онака како сакаат, со помош на европски знаменца. Ќе ги користиме и врските со САД и ЕУ, ќе ги информираме за секакви дејства што би ги презела некаква влада тука на штета на бизнисот и тоа јавно го соопштуваме. Ќе бараме Фискалниот совет максимално и професионално да ја врши својата функција и ќе биде ставен под мониторинг. Капиталните инвестиции да се користат максимално и да нема пренамена, ќе бараме тоа да го контролира наше, советодавно тело. Ние можеме да донесеме одлука и да го преселиме капиталот, но свесни сме за нашата одговорност кон работниците и општеството, ние го полниме Буџетот во најголем дел, а за тоа требаат инвестиции и нови вработувања, рече Азески.

Ја повтори и клучната заложба на бизнисот - наредните 10 години да бидат посветени на економијата.

-Ние знаеме дека општеството не се базира само на економијата, знаеме дека е составено од различни сегменти и сакаме сите тие да бидат еднакво третирани од владата, но знаеме и дека бизнисот може да овозможи подобро утре. Тука сме согласни со Мицкоски и со ВМРО-ДПМНЕ, дека треба да го направиме тој чекор кој треба да биде храбар. Мора да сфатиме дека ако во наредниот период не го направиме тоа, ако не изградиме општ консензус за воведување и враќање на правната држава, за почитување на пазарните механизми, за борба против корупцијата, за намалување на администрацијата, за давање приоритет на севкупната економија, не може да се постигне раст во економијата. Мора да создадеме услови за економски прогрес на државата. Како бизнис заедница, сакаме да видиме промена во комуникацијата која мора да биде на високо, професионално ниво зашто се работи за пари, за една специфична материја. Тоа значи дека секое чекање, секое заостанување и секое двоумење кај нас создава економски, односно парични негативни ефекти и заради тоа бараме брзината исто така да биде еден од пресудните фактори.

Мора, потенцира Азески, да се почне од образованието.

-Нашето општество и луѓето не може да чекаат, младите ќе се иселат. Почетната точка што сега мора да се направи е да видиме кои се можностите во нашата држава, колку ние можеме да собереме пари во буџетот рационално да ги искористиме и да ги потрошиме и на тој начин да си ја пуштиме чергата колку што ни се долги нозете. На таков начин, со задолжување, ги префрламе само проблемите на наредните генерации. Мислам дека тоа не дава никаков резултат. Она што денеска имав прилика да го слушнам и од претседателот Мицкоски и од тимот на ВМРО-ДПМНЕ, зборува дека се оди во оваа насока, особено кога разговараме за конкретните барања, измените што треба да се направат во УЈП, во Царината за да се забрза нашето работење, регулативата и законите кои чекаат 10-12 години а се уште не се донесени, предвидливоста која е основен услов за бизнисот да функционира како што треба, напомена Азески.

Според Мицкоски, мерките кои се позитивни, ќе бидат дел од програмата на идната влада.

-Не цениме дека работата на сегашната Влада беше добра, посебно во делот на економијата. Направени се многу пропусти и тие ќе бидат дел од ревизијата на идната влада на ВМРО-ДПМНЕ, посебно тука мислам и го издвојувам работењето на УЈП и на Фондот за иновации каде се потрошени неколку стотици милиони евра, меѓу кои и иновативни рецепти за пица. Сакаме да видиме каде завршија тие пари на граѓаните и кои се ефектите. Во делот на даночната политика, ветуваме предвидлив рамен данок, јасна политика во делот на парафискалните давачки, царинската политика, регулаторната гилотина,... Не планираме да се намалува ДДВ-то, планираме рамниот данок од 10 отсто да се намалува до осум проценти и тоа сме го кажале. Првата мерка ќе биде - нема да правиме поврат на компании на данокот на додадена вредност со лажни царински декларации, мултимилионски. Прво, од таму ќе почнеме. Второ, ќе почнеме да правиме анализа на целата територија на Македонија каде се применува фискализацијата после толку време, а каде не се применува. Цениме дека со овие мерки кои беа презентирани денеска, ќе го олесниме работењето на компаниите и ќе ја придвижиме економијата напред. И во делот на сивата економија гледаме огромен простор на кој ќе се посвети внимание. Не може едни компании кои се дисциплинирани и редовни плаќачи на ДДВ да го полнат Буџетот на сметка на други, кои не работат како што очекуваме или ја стимулираат сивата економија. Не смее да има привилегирани и компании од втор или тред ред, подвлече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

За повратот на ДДВ за граѓаните, Мицкоски објасни дека ќе се одлучи откако ќе се направат потребните анализи.

-Ќе треба да се проанализира и потоа да се излезе во јавноста и да се каже кој е ставот на партијата, дали мерката ќе биде модифицирана, дали ќе остане иста или ќе има некоја нова политика, рече Мицкоски.

Тој ги повтори досега искажаните ставови на партијата, дека се планира реорганизација на владиниот кабинет, а мора да има, потенцира, и реформи во образованието.

-Прво што треба да направиме е коалициски договор. Влада по која било цена нема да правиме. Мора да имаме јасен коалициски договор - кои се приоритетите на идната влада, не само политички, туку и економски, во делот на борбата против криминалот и корупцијата. Откако тоа ќе го направиме, тогаш можеме да зборуваме за се останато. Во тие приоритети и во тој политички договор спаѓа и реорганизацијата на владиниот кабинет. Цениме дека повеќе од две децении е истиот состав, а динамиката на глобално ниво е поинаква. Ако сакаме да ја следиме таа динамика, мора така и да се прилагодуваме, така да работиме. Во спротивно, нема да има ефекти и резултати. Многу е важно да го спроведеме и процесот на проверка на имотната состојба на граѓаните. Ќе почне од мене, се пријавувам како доброволец заедно со моето потесно и пошироко семејство. Тој процес може многу лесно да се спроведе со споредување на неколку бази на податоци, меѓу кои на Катастар, УЈП, Централен регистар,... Ако се споредат тие, ќе видиме како бизнисмени со милионски возен парк се пријавени на минималец и се поставува прашањето како тие успеваат да го стекнат тој милионски возен парк или имот во недвижнини или како многумина луѓе кои во минатото биле дел од политиката станале натпросечни бизнисмен, како наеднаш им тргнал бизнисот и илјадакратно го зголемиле својот капитал, потенцира Мицкоски и додаде дека нема само политичари бизнисмени, туку и бизнисмени кои биле дел од судството, обвинителството.

На новинарско прашање дали ВМРО-ДПМНЕ во евентуалната нова влада планира да земе вицепремиер од бизнисот, партискиот претседател одговори дека фокусот сега е ставен на кампањата, програмата, а не на персоналните кадровски решенија.

-Фокусирани сме на кампањата, на програмата, се уште не сме фокусирани на персонални кадровски решенија на идната влада зашто е несериозно денес, кога се уште не се знаат резултатите и перформансите, да зборуваме за какви било персонални кадровски решенија. Прво нека завршат изборите, да ги видиме резултатите и врз основа на таа навигација ќе носиме одлуки, рече Мицкоски.

Стопанската комора, освен со ВМРО-ДПМНЕ, ќе се сретне и со претставници на други политички партии кои ќе учествуваат на изборите, за да ги слушне и нивните економски програми



Автор: Администратор
Објавено на: 27/03/2024 18:53