Раководството на НУ Гостиварски театар не е задоволно од висината на износот на средства кои им се доделени за оваа година и поднесе тужба до Управен суд. Директорот на театарот Сулејман Рушити смета дека со намалениот буџет нема да се реализираат планираните пет претстави.

Рушити на прес-конференција информираше дека е поведен управен спор против решение од минатиот месец на Министерството за култура на Република Северна Македонија. Тој напомена дека имал комуникација со комисијата за драмска дејност при Министерството за култура на Република Северна Македонија, но не наишол на разбирање.

- Ваквиот волунтаристички начин на одлучување ги урива приоритетите на Театарот и создаде неостварлив програмски предлог. И конечно, не можеме да создадеме доволен репертоар ако не ја одразуваме и националната структура на гледачите, рече Рушити.

Тој појасни дека од предложената програма со пет претстави им биле прифатени три. Едната од нив е голема претстава која не може да се реализира со половина буџет.

Во направените анализи, раководството на „Гостиварски театар“ предложило програма за подготовка на претставите „Цилиндарот“ од Едуардо де Филипо во режија на Афердита Нухији, „Ментално болниот“ од Молиер во режија на Хервин Чули, „Слугата на две партии“ од Сашо Кокаланов, во режија на Бесфорт Идризи (македонски, албански и турски), „Госпоѓица Жули“ од Стриндберг во режија на Петрит Незири и „Манијак“ од Ратко Бјелчиќ во режија на Елеонора Теова.

- Гостиварскиот театар секоја година произведува претстава на македонски јазик, но за жал имаше малку гледачи, па мислевме дека претстава на три јазици ќе ја оживее и македонската публика, рече Рушити.

Со решението за проекти од национален интерес за културата што се содржани во нацрт-програмата за работа на НУ Гостиварски театар се предвидува финансиска поддршка на „Цилиндар“ со 550.000 денари, „Слуга на две партии“ со 780.000 денари и „Манијак“ со 670.000 денари.

Директорот на театарот се пожали дека за оваа година буџетот им е намален во споредба со лани за 600 илјади денари и за неговата работа во 2024 година доделени им се два милиони.

Актерскиот ансамбл на НУ Гостиварски театар има 11 актери и работи пет години



Автор: Администратор
Објавено на: 27/03/2024 19:04