Групата Обнова на Европа во Европскиот парламент го покани украинскиот претседател Володимир Зеленски и пратениците од неговата партија, Слуга на народот, да учествуваат во некои од нејзините активности како знак на пријателство и како начин Украина да се вклучи во процесите на ЕУ пред почетокот на преговорите за пристапување, објавија британските медиуми.

Украина, која доби силна поддршка од повеќето европски земји откако Русија ја започна својата целосна инвазија на нејзината територија пред две години, е членка кандидат за пристап во 27-члената Европската унија, но процесот ќе трае со години.

Обнова на Европа објави дека го поканува Зеленски на своите лидерски средби, а пратениците од „Слуга на народот“ на своите парламентарни состаноци.

Обнова на Европа, третата по големина група во ЕП, вклучува шефови на влади и членови на владејачките партии од Франција, Белгија, Холандија, Естонија, Словенија и Бугарија.

Групата, исто така, понуди да му обезбеди на Слуга на народот експертска помош во подготовката на Украина за процесот на преговори за пристапување во ЕУ.

-Веруваме дека слуга на народот ќе стане уште поблизок до нашиот [европски] парламент и семејството на „Обнова на Европа“, рече претседавачот на групата Валери Ајер по нејзината денешна средба во Киев со претседателот на украинскиот парламент Руслан Стефанчук.

Украина е една од осумте земји кои се надеваат да се приклучат на ЕУ, но процесот се очекува да биде долг се додека земјата се бори против руската инвазија и ќе мора да спроведе низа реформи за да ги исполни европските стандарди во многу области.

За да прифати нова членка со големина на Украина, ЕУ бара внатрешни реформи, што дополнително го комплицира процесот.

Европските претставници рекоа дека иницијативата Обнова на Европа, како европратеници во кампања за изборите за ЕП од 6 до 9 јуни, е начин тие да допрат до Украина пред да се преземат конкретни чекори за процесот на пристапување.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/03/2024 04:14