Европската вселенска агенција (ЕСА) потврди дека, по проблемите со мразот, нејзиниот вселенски телескоп „Евклид“ повторно е во функција.

Впечатлив е фактот дека тимот го одмрзна телескопот од голема далечина, а тоа го направи со загревање на едно од шесте огледала за коишто се верува дека се коренот на проблемот. ЕСА на 19 март соопшти дека таложењето мраз предизвикало „мало, но прогресивно намалување“ на количината ѕвездена светлина и енергија којашто телескопот е предвидено да ја прими. Научниците веднаш почнаа експериментален потфат за одмрзнување на едно од стаклата за прифаќање и насочување светлина на телескопот.

Во обид да се отстрани мразот, огледалото се загреало минимално, температурата од минус 147 е покачена на минус 113 степени. Овој потег е успешен, па телескопот повторно работи.

Поради успешниот потфат, научниците открија дека инструментот „ВИС“ на „Евклид“ сега прима 15 отсто повеќе светлина.

ЕСА соопшти дека таложењето мраз на сателитот не е сосем неочекувано, бидејќи е практично невозможно да се спречи влагата од воздухот да заврши во вселенското тело за време на склопувањето. Исто така, не е можно да се процени количината влага околу вселенската направа, па дури и мала влага може да предизвика таложење мраз потоа, што ќе влијае на способноста на „Евклид“ да ја набљудува Вселената.

Затоа, истата постапка за одмрзнување ќе треба да се повторува на секои шест до 12 месеци, а тоа ќе има многу мало негативно влијание врз научните набљудувања и остатокот од мисијата, појаснуваат стручњаците од ЕСА.

Телескопот „Евклид“ беше лансиран со ракета „Фалкон 9“ лани во јули. Околу еден месец потоа, апаратот ги испрати првите слики од Вселената. Неговата задача е пообемно истражување на небото, со нагласка на темната материја и темната енергија. Заедно тие сочинуваат 95 отсто од универзумот, но нивниот состав и денес е научна мистерија



Автор: Администратор
Објавено на: 28/03/2024 22:36