На големата сцена на театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес вечерва во 20 часот ќе се одржи стендап шоу на Сашко Коцев, со кое ќе биде затворен годинашниот трет по ред Фестивал на комедијата „5 ре“.

Фестивалот започна на 20 март со премиерата на велешкиот театар „Вечера за глупаци“ во режија на Ненад Витанов и врачување на актерската награда за животно дело „Петре Прличко“ за 2024 на актерот Тони Михајловски.

Синоќа во преполната сала на велешкиот театар свој настап на фестивалот имаше ансамблот на Штипскиот театар со претставата „Женидба“ во режија на Љупчо Ѓоргиевски. Велешката публика за одличната изведба на крајот ги награди со долг и силен аплауз.

Фестивалот „5 ре“е посветен на еден од најголемите македонски актери, познат и на поранешните југословенски простори, велешанецот Петре Прличко, а го организира Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“, под покровителство на Општина Велес.

Билетите за вечерашното стандап шоуто на Сашко Коцев се продадоа уште на 14 март за само неколку часа откога беа пуштени во продажба.

Минатогодишното 2. издание на Фестивалот на Комедијата „5 ре“, како и годинашново, исто така заврши со стендап шоу, а беше во изведба на актерот Жарко Јовановиќ.



Автор: Администратор
Објавено на: 31/03/2024 10:28