На трибина по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на аутизмот експерти и претставници на локалната власт и невладиниот сектор беа разменети досегашните искуства и плановите за делување во насока за подобрување на условите и згрижувањето на лицата со аутизам.
На трибината со наслов „Аутизам, достигнувања, предизвици и институции“ учесниците зборуваа и за третманот на учениците со аутизам во образовните институции во општина Гостивар.
Првиот човек на општината и кандидат за претседател Арбен Таравари, напомена дека локалната самоуправа успеала да формира два центри за згрижување во Гостивар, „Блу пазл/Blue puzzle“ и Мултифункционалниот центар. Таравари ги оцени како исклучително функционални и современи, дури како што рече на тоа ниво се реткост и во поширокиот регион. Тој истакна дека опремата која се користи во центарот е најсовремена и го рангира како најдобар во регионот.
Ваљон Емини, лидер на здружението „Блу пазл“ рече дека од формирањето на Центарот за аутизам до денес во Гостивар, тој функционира без никакви пречки и е целосно деполитизиран. Покрај локалната самоуправа, центарот има институционална поддршка и од Министерството за образование и култура и многу приватни донатори. Во центарот бесплатни услуги добиваат 40 деца главно од полошкиот регион.
Панелот во организација на Секторот за социјална заштита, здравје и детска заштита при општина Гостивар, според раководителката имал за цел да ја подобри информираноста на наставниот кадар и законските обврски кон ученици и правата на родителите на учениците со аутизам.
Учесниците на панелот имаа можност да слушнат стручни објаснувања и совети од дефектологот Самир Грбле и Зумрета Џемаили рехабилитатор – логопед.