Митрополитот на Дидимотика, г. Дамаскин, кој е дел и од Комисијата на Црквата на Република Грција во однос на признавањето на нашата Црква, при учеството на одбележувањето на манастирската слава на „Пресвета Богородица-Пречиста“ – Кичево, во обраќањето кон владиката Партениј се задржа и на признавањето на нашата Црква.
- Многу почитуваниот митрополитот на Дидимотика, г. Дамаскин, во однос на признавањето на нашата Црква, во поздравното обраќање кон владиката Партениј, изговорено во храмот на манастирот Пречиста, меѓу другото рече: Благородниот, благочестив и христољубив народ на оваа прекрасна земја несомнено го носеше својот крст многу децении. Распетието траеше многу години. Но еве, сега го живееме Воскресението! Ја живееме радоста од општењето, од заедничарењето меѓу нас, информираа од Бигорскиот манастир.
И секако, посочи, за да се стаса дотука, беше потребно многу луѓе да се жртвуваат себеси.
- Еден од оние кои се принесоа себеси и своите драгоцени сили и можности за овој случај, беше избраниот и драг брат Епископ Партениј, кој долги години, малку по малку, камче по камче, ги градеше прво душите на луѓето; ги одгледуваше душите на толку многу отци и браќа монаси и сестри монахињи, та да заживее толку многу манастири, но над сè – во дарохранителницата на душите на луѓето повторно го запали кандилото на верата и на надежта, нагласи г.Дамаскин.
Го славам Бога, додаде тој, затоа што ми ги поведе чекорите кон ова свето место.
- Кон Свештената Обител Благовештение на Богородица близу Кичево, за да се сретнам со еден извонреден брат, да се сретнам со сите кои се подвизуваат заедно со него: и монасите и монахињите, но и христољубивата паства на оваа црковна заедница, рече г. Дамаскин во поздравното обраќање до владиката Партениј.