Мерки и координација за заштита на регионот од пожари, беше тема на работниот состанок што вчера СВР - Охрид го одржа со Локалниот совет за превенција.

Целта на состанокот била дефинирање на клучните превентивни и други мерки за поголема и поефикасна комуникација со локалното население, со советодавните групи граѓани, со урбаните и месните заедници, за следење на состојбите во шумските појаси, пасиштата и другите површини на отворен простор, донесување конкретни мерки за навремено информирање и преземање брзи реакции за спречување и заштита при евентуална појава на пожари, мерки за јакнење на свеста кај граѓаните за опасностите од пожари, за координација при употреба на сите расположливи капацитети и опрема која наменски може да се користи за контрола и заштита на шумите од пожар и соодветна брза реакција на службите за навремено локализирање на избувнат пожар.

На координативната средба, покрај полициски службеници од полициската станица Охрид, присуствуваа претставници на штабот за заштита и спасување при општина Охрид, на Територијалната противпожарна единица, на Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, на шумската полиција, на јавното претпријатие „Македонски шуми“ и на Планинарска спасувачка единица-Охрид.

По неколкуте случени пожари на отворен простор на подрачјето што го покрива, СВР Охрид отпочна со поинтензивни активности и контроли со цел, поголема заштита на регионот од појава на пожари.

Од полицијата упатуваат апел до граѓаните да избегнуваат палење оган во шумските предели, на стрништа, на плевел, отпадоци и на секој друг отворен простор, притоа посочувајќи дека предизвикувањето шумски пожар намерно или од невнимание, претставува кривично дело.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/04/2024 18:13