Наставници од велешка Економска ОСУ „Јовче Тесличков“ и од Економско-угостителското училиште „Вук Караџиќ“ од Велика Плана, Србија, работат заеднички проект преку кој изработија платформа и прирачник за работа во виртуелна компанија. Целта на проектот за кој идејата е од 2021 година е учениците преку платформата virtuelco.com и прирачникот на македонски и српски јазик преку кој учениците се вклучуваат во постапката на функционирање на една фирма во деловниот свет. Како крајна цел учениците учат и практично се обучуваат за тоа како функционира една вистинска компанија, а по завршување на школувањето и самите да знаат да работат во некоја компанија, појасни Васко Трајковски директор на Економска.
Трајковски информира дека прирачникот кој произлезе од платформата е испечатен на македонски и српски јазик, а преку него учениците се запознаваат со постапката на функционирање на едно претпријатие во деловниот свет.
Инаку овој проект бил претставен и за учениците од економските училишта во Прилеп, Кочани и Куманово со што во него освен од Велес биле вклучени вкупно стотина ученици од земјава и околу 120 средношколци од Велика Плана и уште неколку градови во Србија. Проектот завршува на 8 мај годинава, но платформата ќе продолжи да работи и во следните десетина години.
Денешната завршна конференција која се одржа во Велес е дел од целокупниот Еразмус + проект „Учиме преку работа во училиште и се подготвуваме за работа во стопанството“.
Оливера Стошиќ, кординатор на проектот од Економско-угостителското училиште „Вук Караџиќ“ од Велика Плана, информира дека учениците преку платформата научиле како се работи во стопанството, која документација се потполнува и каков е протокот на документи во секое претпријатие односно фирма.
-Стратешкиот партнер компанија „Дис“ ни приближи како сето тоа функционира во стопанството, а ние ја осмисливме платформата преку која учениците од економските училиште ќе се подготват за своите идни кариери во двете земји,појасни Стошиќ.
Таа појаснува дека направиле четири служби и учениците кои работат во кое било претпријатие можат да бидат или во службата за складиште, за набавка, за продажба или да се занимават со финансиите.
-Иновативноста на оваа платформа е во тоа што им овозможивме на учениците преку дигитална работа да се подготват за работа во стопанството,што значи дека тие кога ќе потполнуваат прашалник,понуда,нарачка да знаат како се соработува во реалните претпријатија. По завршување на средното економско училиште учениците добиваат знаење и стекнуваат вештини за работа во стопанството, појасни професорката Стошиќ.
Таа информира дека најголем дел од учениците вклучени во работата на оваа платформа ја оцениле со оценка 5.
Дејан Петровиќ, професор по информатика од Економско-угостителското училиште„Вук Караџиќ“ од Велика Плана кој работел во тимот за изработка на платформата, појасни дека платформата се изработувала две години, но може да работи десетина години и дека тие ќе ги закупат просторот за нејзина понатамошна работа и обука на учениците.
Тој појасни дека завршување на проектот овие средни училишта можат да продолжат да работат и понатаму на виртуелни претпријатија и понатаму да соработуваат и заедно да учат.
-Целта е неограничен број на ученици,наставници и компании да соработуваат.Тука постои домашна соработка каде секое училиште соработува на свој јазик со виртуелна компанија од своето училиште и со училиштата од својата држава,но постои и меѓународна соработка која се работи на англиски јазик,а при што самата платформа ја префрла соработката на англиски јазик, а кога ќе препознае дека станува збор за соработка од друга земја.На тој начин се реализира таа меѓународна соработка меѓу училиштата и компаниите од двете земји, појасни професор Петровиќ.