Едно од најроматичните места на земјата е сместено на Егејското море со име „Скијатос“. До овој остров се стигнува со траект, тргнувајќи од Волос, а патувањето е вистинско доживување. Кога ќе се препуштите на уживањето, сфаќате дека веќе сте стигнале на островот додека да трепнете.
Овој остров изобилува со голем број на уникатни плажи, повеќе од 60тина и секоја е поубава од претходната. За една од најубавите се смета Лалариа, плажа која не е достапна по копнен пат. На Лалариа се најоѓа карпата позната како „Порта на младоста“. Легендата вели дека доколку испливатедо оваа карпа и три пати поминете низ неа ќе останете вечно млади. За да ја посетите оваа плажа мора да изберете да заминете на крстарење околу островот кое не е скапо, а богами има многу да се види.
Наредна плажа која се издвојува од останатите е Кукунариес. Обиколена со борова шума, прекриена со чиста мека златеникаста песок и кристална вода, оваа плажа се вбројува во една од најубавите плажи во Европа. Поради тоа е често посетувана и од славните личности.
Плажата Агиа Елени е најубава на зајдисонце бидејќи таму морето добива прекрасна портокалова боја, а сонцето како полека да потонува во морето.
Сите плажи на островот вреди да се посетат, но некои од нив се издвојуваат. Такви се: Вромолимнос, Колиос, Мегали Амос и многу други. Најинтересно е што секоја плажа е заобиколена со дрвја и карпи креирајќи мали заливчиња.
Замислете, овај остров со големина од 50-тина km2 има свој аеродром. Тој представува вистинска атракција затоа што авионите слетуваат веднаш над плажата, а чувството да се наоѓаш на плажата тогаш е неверојатно и полно со адреналин. Тоа е еден од моментите кои го одземаат здивот и остануваат запаметени засекогаш.
Други места кои вреди да се посетат се: Музеј-куќата Пападијамантис, Замокот Кастро, стариот дел на градот и секако црквата Агиос Николаос. Погледот кој го нуди црквата од врвот е еден од најубавите пејсажи врз островот и пристаништето.
Скијатос изобилува со голем број на таверни, кафулиња, продавници за сувенири, а градот вреди да се посети и навечер. Една убава прошетка покрај осветленото пристаниште, уживајќи во гледката на јахтите, морето, месечината и прекрасните мириси кои се шират од таверните наредени во близина. Посетата на овај прекрасен остров со сигурност ќе биде ЉУБОВ НА ПРВ ПОГЛЕД.