Министерството за внатрешни работи ќе ги разгледа законските одредби и реалните можности за отворање полициска канцеларија или полициско одделение во Зрновци, со што ќе биде поблизу до граѓаните и ќе одговори на нивните потреби, истакна министерот за внатрешни работи Панче Тошковски при денешната посета на локалната самоуправа на Зрновци.

- Заради поголема пристапност до граѓаните, но и да може да се дејствува побрзо при одредени кривично-правни настани што ги има на оваа територија, а жителите да имаат понормални услови за живот, ја добивме оваа иницијатива од Општина Зрновци за отворање канцеларија или полициско одделение. Тоа ќе биде разгледано во рамки на службите на Министерството и се надевам дека после изборите, кога ќе имаме и законски предуслови за да се спроведе сето ова како постапка, ќе одговориме на потребите на жителите на Зрновци. Со тоа, за краток временски период отсега да ставиме во употреба, можам да кажам, минимум една канцеларија во интерес на месното население, изјави министерот Тошковски.

Општина Зрновци наскоро и официјално ќе достави барање до МВР за отворање полициска канцеларија, при што од своја страна ќе ги обезбеди потребните просторни услови.

- Во последните неколку години има зголемена посетеност од гости во угостителските објекти во општината и граѓаните доставија барање за отворање полициска канцеларија заради поголема безбедност, превенција и навремено откривање на кривични дела. Наскоро иницијатвата ќе ја разгледа општинскиот Совет кој треба да донесе соодветна одлука што ќе се достави до МВР. Ние ќе се обврземе да обезбедиме соодветен простор и да учествуваме во неговата преадаптација, рече градоначалникот на Општина Зрновци, Борчо Коцев.

Територијата на Општина Зрновци во моментот е под надлежност на Одделението за внатрешни работи од Кочани, кое ја покрива и соседната општина Чешиново-Облешево



Автор: Администратор
Објавено на: 11/04/2024 17:38