Жителите на делчевското село Габрово синоќа организираа средба на која собираа потписи за поднесување петиција за продолжување на реконструкцијата на регионалниот пат Делчево - Габрово.
Иницијативата е на селаните кои решија да реагираат, откако според нивни информации по реакција на жител од селото, стопирана е работата за продолжување на реконструкцијата, што започна пред околу два месеци.
- Благодарение на општината која ни излезе во пресрет да го прошири патот што ни беше тесен. И сега се појави мал проблем околу проширувањето на патот од страна на еден наш сограѓанин. И затоа вечерва сме собрани да се потпишаме и да поднесеме петиција до Општината, да реагира и тој проблем да се реши и да се продолжи со работата и изведбите и машините да не се стопираат и да се продолжи со работа, вели Душко Стоиловски од село Габрово.
Патот, како што додава, им е потребен на селаните, бидејќи во моментот целиот е прекопан и мештаните не можат да се движат со нивните возила.
- Сигурни сме дека проблемот ќе се реши. Сега сме тука за да можеме да поднесеме петиција, за изведувачите да имаат правна основа да реагираат и да се продолжи со работа, додава Стоиловски.
Реконструкцијата на патот до село Габрово започна во февруари. Изградбата ја вршат екипи на Јавното Претпријатие за одржување регионални и магистрални патишта, а согласно проектот, реконструкцијата предвидува санација и поставување нов асфалт во должина од 1,7 километри
Реконструкцијата на регионалниот пат за село Габрово чини 21, 3 милиони денари средства преку Програмата на ЈП, а градежните работи ги извршува ЈП за одржување на регионални и магистрални патишта