Претседателскиот кандидат и лидер на Движењето ЗНАМ-за наша Македонија, Максим Димитриевски на денашната прес-конференција во Скопје истакна дека за него се неприфатливи евентуални предлози за уставни измени кои би се однесувале на избор на шефот на државата во Собрание, како и за бришење на формулацијата „јазикот што го говорат 20 проценти“.

-Евентуални предлози за уставни измени кои би се однесувале на бришење на формулацијата „јазикот што го говорат 20 проценти“, именувањето на сегашниот начин на избор на претседател на Републиката, за мене е целосно неприфатлив бидејќи подрива фундаментите на кои почива Охридскиот рамковен договор за кој сметам дека е целосно реализиран. Било какви уставни измени по основ на избор на претседателот во Собрание а не на непосредни избори, за мене како кандидат за претседател и за политичката партија Движење ЗНАМ – За наша Македонија се неприфатливи. Ниту досега, ниту отсега понатаму ќе се пазариме по било кој основ за било која цена, рече Димитриевски.

Упати порака до „Европски фронт“, за кои рече дека имаат „една монолитна и моноетничка политика чија крајна цел е да ја трансформира Македонија од прост до сложен тип на држава“.

Димитриевски објасни дека неговата програма „Манифест за Македонија“ има пет принципи и пет основни начела. Потенцира дека основните начела во програмата се дадени со конкретни рокови.

-Едно од најбитните начела се однесува на тоа дека во првите 100 дена од позицијата претседател ќе се заложам за креирање на државна стратегија за борба против корупцијата и организираниот криминал. Тоа може да го стори претседателот. А, повеќе од потребно е во нашата држава, бидејќи како што ги гледате сите последни извештаи Македонија се соочува со се повисоко ниво на корупција и криминал и дополнително тоа ја слабее државата. Според сите анализи на Светска банка, растот во Македонија стагнира и сме најниски во целиот регион. Кога ќе ја спречиме корупцијата при еден организиран облик на делување, државата треба да и објави војна на корупцијата. Како? Со вистински лидер, на вистинско место, кој ќе даде целосна поддршка на сите тие институции на системот да работат против корупцијата. Да не зависат од политичките субјекти. Сметам дека откако ќе се избориме со корупцијата во државата, можеме да настапиме понатаму и да ги решаваме останатите проблеми и конечната цел ќе биде да стигнеме до самоодржливост на Македонија и да бидеме свои на своето, рече тој.

Димитриевски нагласи дека ЕУ интегративниот процес треба да продолжи, но, како што рече, „Македонците таму треба да влезат не со свиткана кичма туку со крената глава“.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/04/2024 22:40