Реториката меѓу претседателските кандидати се повеќе се заострува со приближувањето на денот на изборите. По настапите на претседателските кандидати на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, денеска и од едната и од другата партија побараа извинување за критиките и коментарите дадени за време на митинзите одржани викендов.
Од СДСМ побараа извинување од претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска-Давкова за навредите кон актуелниот претседател Стево Пендаровски, кој се кандидира за втор мандат, како и кон лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски, а од ВМРО-ДПМНЕ извинување од Пендаровски за говорот на граѓанин на вчерашниот митинг кој упати навреди кон кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Пратеничката Даниела Николова од СДСМ денеска на прес-конференција побара извинување од Силјановска- Давкова посочувајќи дека митинзите не се за навреди и лични дискредитации, туку за претставување на понудата пред граѓаните.
- Личните дискредитации за прекари со женски род, навредите за интелектуални капацитети искажани од Силјановска не доликуваат ниту на професор, ниту на политичар. Каков е тој професор кој ги навредува студентите? Каков е тој политичар кој наместо да претстави и идеи навредува неистомисленици, а со тоа ги навредува и граѓаните, изјави Николова.
Кандидатот за претседател на Државата Гордана Силјановска Давкова вечерва на митингот во Бутел рече дека тврди оти тоа што го запишала во изборната програма ќе ја води, бидејќи, како што нагл
Кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ Силјановска-Давкова на митингот во скопската општина Центар во саботата рече дека Пендаровски го запознала на една дебата во рамки на дебата „Дијалог меѓу цивилизациите“ организирана од поранешниот претседател Борис Трајковски каде Пендаровски најверојатно учествувал во организацијата на настанот.
- Никогаш не говорам за студентите ама за најдобрите никогаш не ги заборавам и за нив секогаш кажувам сè. Не го помнам Стево Пендаровски како студент, но знам дека магистрирал и докторирал откога ги усовршил своите аналитички способности во Министерството за внатрешни работи и сега човекот на ваков начин зборува за мене, рече Силјановска-Давкова.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак бараат извинување за навредите изнесени кон Силјановска-Давкова, од, како што посочуваат, активист на СДСМ, на вчерашниот митинг во Куманово.
- Пендаровски имаше можност да го запре својот активист и веднаш да се извини. Тој тоа не го стори. Ова е повеќе од потврда дека Пендаровски сака ваквата кампања со говор на омраза кон Силјановска да фати корен во СДС и Силјановска да биде мета на константа мизогинија. Пендаровски промовира вредности кои се спротивни на сите демократски принципи. Ова однесување не смее да биде тренд, туку мора да се осуди. Најмалку што може да направи Пендаровски е веднаш да и се извини на кандидатот за претседател Гордана Силјановска Давкова и да преземе одговорност за нападите кон неа кои се поттикнати од него, изјави потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ Димитриеска-Кочоска.
Од штабот на Пендаровски порачаа дека осудуваат секаков вид на говор на омраза, клевети и навреди.
- По повод коментарот на еден од присутните на митингот на кандидатите на претседател во Куманово, сакам да бидам транспарентна и искрена кон целата јавност. Пред сѐ, поради масовноста на митингот за жал не успеав целосно да го слушнам коментарот на еден од учесниците и да го спречам. Тие кои ме познаваат и како поддржувачи на партијата на којашто сум гласноговорник, но и од сите други политички партии, знаат дека остро ги осудувам коментарите кои се навредливи за жена и знаат дека сум гласна во борбата против говор на омраза кон жените. Така е и во овој случај. Коментарот е недоличен, навредлив и го осудувам. Ниту претседателот Пендаровски, ниту јас не го поддржуваме коментарот, напиша Богданка Кузеска од Изборниот штаб на Пендаровски.
И сопругата на Пендаровски со објава на социјалните мрежи ги осуди сите видови на говор на омраза.
- Осудувам секаков вид на говор на омраза, навреди и клевети, напиша Елизабета Ѓоргиевска, сопруга на Пендаровски на „Фејсбук“.
И Форумот на жени на Либерално демократската партија (ЛДП) го осуди, како што велат, недоличниот и навредлив коментар што беше упатен од страна на еден од присутните на вчерашниот митинг во Куманово, кон кандидатката за претседател од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова.
- Во време кога максимално се стремиме да живееме демократски, сметаме дека секоја форма на говор на омраза е неприфатлива и нечовечна, затоа најостро го осудуваме навредливиот коментар на еден од присутните граѓани на вчерашниот митинг во Куманово, насочен кон кандидатката за претседател Гордана Силјановска Давкова, истакнаа од Форумот на жени на ЛДП.