Денес гледам загрижени лица, затоа што и времињата се тешки и проблемите многубројни. Има моменти во историјата на еден народ кои се одлучувачки, тоа се времињата кога работите се прекршуваат или кон подобро, или кон дното после кое нема враќање. Овие избори се токму тоа, референдум за Македонија, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на митингот во Прилеп.
Мицкоски нагласи дека слободата која сакаме да ја имаме, враќањето на сопственоста над државата од страна на народот не е само наше право, туку и должност, а оваа генерација ја има неповторливата можност да испише нова победничка историја.
- Народот има загубено контрола над сопствените институции и над сопствената држава. Државата не служи на народот, туку на стотина луѓе од ДУИ, а ти се служат со Македонија за полнење на своите џебови. Проблемот овде во Прилеп и во сите други градови не е само слабото владеење на СДСМ, туку што и самата СДСМ, бидејќи таа на тацна ја даде Македонија на Артан, Бујар, Талат и Ахмети, рече Мицкоски.
Мицкоски воедно истакна дека СДСМ, Ковачевски и Стево Пендаровски немаат реална и издржана програма, а нивната понуда е еден исклучително примитивен говор на омраза стимулиран директно од Стево Пендаровски.
- Човекот не пропушта митинг лично да не навредува заедно со професорката Гордана Силјановска Давкова која е одличен професор е и жена, мајка, сопруга. Таквите отрови и навреди кои секој настап се подгревани од првенците на власта, се пренесуваат како зараза и на нивните членови. Па така вчера од Куманово, донеле некој член на СДСМ каде со микрофонот во рака нареди едно чудо навреди кон идниот претседател на Македонија Гордана Силјановска Давкова. професорката. И не само што поради таквото однесување Стево Пендаровски и нивната портпаролка требаше да пропаднат во земја, и веднаш да се оградат, туку со образ ѓон Стево аплаудираше на навредите, а Богданка се смееше, какво дно од луѓе, каков е овој човек? – вели Мицкоски.
Мицкоски нагласи дека Пендаровски освен што е арогантен, стана прототип на балкански женомрзец. фали уште Фрчковски да му се приклучи и да формираат клуб на женомрзци.
Тоа покажува и состојба на длабока психолошка внатрешна раздразнетост на Пендаровски и голема доза на омраза и чувство на интелектуална инфериорност во однос на професорката Гордана Силјановска Давкова. Говорот на омраза има име и тоа е Стево Пендаровски. И не го гледам денес Пендаровски да се извини затоа што тој само со навреди и говор на омраза може да биде силен, впрочем како и сите слаби луѓе кои се предводници во мизогинијата, рече Мицкоски.
Мицкоски нагласи дека професорката Гордана Силјановска Давкова е решението за претседател на Македонија, жена со принципи која непоколебливо верува во правдата, во вредностите и во Македонија, која има свој став, кој може да му се допаѓа некому или не, но таа до крај се бори за него, затоа што верува во него.
Гордана Силјановска Давкова покажа лојалност кон своите принципи и е еден од најдобрите експерти и познавачи на уставното право и политичкиот систем, работи кои овие години најмногу ги газеше немилосрдно оваа власт. На Македонија и треба претседател а не измеќар на ДУИ. Времињата се тешки, но изборот никогаш не бил појасен. Заокружувањето за бројот 2 и поддршката за Гордана Силјановска Давкова на овие избори за претседател подразбира значи избор за Македонија која ќе биде повторно горда, за Македонија која ќе има цврсти ставови и кичма која нема да се витка, изјави Мицкоски.
Мицкоски ги повика граѓаните да бидат дел од промените, затоа што е доста од хаос корупција, безредија.
Овој народ се спротивставувал секогаш во тешки моменти. Секогаш знаел да се избори за своето. Македонија ќе ја направиме повторно горда, Македонија повторно твоја, промените во ваши раце, изјави Мицкоски.