Носителот на изборната листа на СДСМ за петтата изборна единица, Јован Митрески и кандидатите за пратеници од Охрид, денеска имаа работни средби со претставници на локалниот бизнис-сектор во градот, на кои е разговарано за поддршката на компаниите предвидена во изборната програма на Коалицијата за европска иднина.
Како што појасни Митрески, дека СДСМ и Коалицијата се грижат за граѓаните потврда е што и во најголемата енергетска криза граѓаните не почувствуваа недостаток од енергија, обезбедена со водење мудри политики.
- Наредниот мандат гарантираме зголемување на вкупното домашно производство на енергија за најмалку 70 проценти, го зголемуваме капацитетот на енергија од обновливи извори за најмалку стопроценти, а милион граѓани ќе добиваат струја од обвновливи извори, рече Митрески.
Тој посочи дека е предвидено зголемување на субвенциите од 80 илјади на сто илјади денари за секое домаќинство, а истовремено ќе биде воведена забрана за изградба на нови мали хидроцентрали.
- Продолжуваме и со поддршка на бизнисите, преку 180 милиони евра директна финансиска поддршка на домашните компании за инвестиции во производството и 3,5 милијарди евра капитални инвестиции. Гарантираме стабилна даночна политика со нула проценти данок на личен доход за минимална плата, како и по 200 евра во првата година за секое прво вработување на лице до 26 години, рече тој.
Митрески уште посочи дека Програмата на Коалицијата за европска иднина предвиденува уште инвестиции од над 2,7 милијарди евра за модернизација на инфраструкурата во сите општини што е предуслов за растечка економија и повисок животен стандард,.
- Само со добар план, знаење и умешност можеме да одиме напред, затоа својот глас да го дадете за Планот за европска иднина, затоа што ние знаеме како да обезбедиме подобра иднина за сите, порача Митрески од Охрид.