Кандидатката за претседателка на Македонија, професор д-р Гордана Сиљановска-Давкова даде интервју за поткастот на Плусинфо. Во продолжение клучните поенти:

ДУИ направи една симулација и упати порака која можеби наликува на своевидна закана. Мислам дека заканите во изборите, па дури и софистицирани, не се дозволени. На симулацијата, претседателот беше избран во Собранието. Треба да препрочитаат што сугерира Венецијанската комисија за нашиот Изборен законик, дека треба да се тргне изборниот праг од 40% за избор на претседател. Второ, кога зборуваме за дискриминација, навистина имало дискриминација до 2001 години, но сега? Причина за посегање по сила можат да бидат само неподносливи услови на живот и владеење. Такво нешто нема. Мене ова ми личи на тиранија на малцинство. Ова е да се нема осет за мултикултурен амбиент. Крајно е несоодветна постапката за некој што се именува како европски претседател. Прашањето за избор на претседател може господинот Османи да го стави во Програмата, да дискутира, да дебатира. Но, на ваков начин преку симулација да креирате намера, ниту е демократски, ниту е државнички концепт, ниту е европски.

Во поглед на Уставот, нам ни се потребни коренити измени. Но тука не мислам на оние уставни измени за внесување на Бугарите во Уставот, туку измени во делот на слободите и правата бидејќи листата на слободите и правата никогаш не е конечно. Ако би се менувал Уставот, ќе се залагам за внесување на измени за заштита и гаранција на правата на децата и во делот на заштита на животната средина.

Во однос на уставните измени за внесување на Бугарите, морам да истакнам дека во Уставот има цел еден дел кој се однесува на гаранцијата на правата на заедниците, што е непозната пракса во други устави. Исто така покрај наведените делови од народи во Уставот има и еден збор „други“ кој се однесува на сите останати кои не се наведени во Уставот. Така што, сметам дека и Бугарите и сите останати се заштитени како припадници на заедниците.

Како претседателка ќе бидам особено активна во обраќањето пред Собранието, нема да се обраќам само еднаш годишно, туку секогаш кога за тоа ќе има потреба. Како овластен предлагач на закони ќе поднесувам иницијативи. Во поглед на надворешната политика, никогаш нема да заминам надвор без да имам консензус по односното прашање, со Владата и со Собранието. Особено со Собранието бидејќи креаторот на надворешната политика е Собранието, а не извршната власт.

Суспензивното вето ќе го користам секогаш во функција на подобрување на квалитетот на законите и секогаш ќе реагирам со аргументи кога има неусогласеност на законот со Уставот. Во таа насока ќе го користам правото на обраќање и ќе ги образложувам причините за ветото пред пратениците повторно да гласаат.

Уставот не случајно го гарантира правото на помилување. Оваа надлежност на претседателот е многу важна и како таква не смее да се препушти на извршната власт. Легитимитетот на претседателот извира директно од граѓаните, легитимитетот на извршната власт – министрите извира од Собранието, не е директен. Тоа е причина плус зошто претседателот не смее да ги препушта своите функции на другата глава на извршната власт. Министрите се менуваат почесто од претседателот, дополнително Министерството за правда соработува и со судските органи, па сметам дека поради тоа не е без причина определено надлежноста за помилување да биде во рацете на претседателот. Како претседателка ќе давам помилување во согласност со законот, водејќи сметка за независноста на правосудството и за природата на оваа функција како квазисудска.

Како претседателка секогаш ќе се залагам за стручност и компетентност. Во мојот кабинет ќе се опкружам со стручни и компетентни луѓе, нормално тука ќе се погрижам да има правична застапеност. Особено сметам дека треба да има жени на клучни позиции бидејќи сметам дека жените се уште не се доволно застапени.

Сакам да порачам дека ќе бидам активна претседателка, ќе делувам како надпартиски човек, нема да предлагам ништо ad hominem. Ќе бидам поблиску до граѓаните преку народните канцеларии каде што тие ќе можат да дојдат и да се дискутира за идеи, за проблеми итн. Особено ќе се залагам за заштита на ранливите групи, време е нивниот глас да биде слушнат!



Автор: Администратор
Објавено на: 21/04/2024 04:54