Кандидатката за претседателка на Македонија, професор д-р Гордана Сиљановска-Давкова даде интервју за Радио Слободна Европа. Во продолжение ги пренесуваме клучните поенти: Гордана Сиљановска-Давкова - Сакам да живеам во една пристојна, досадна држава во која ќе има исти принципи како во Брисел или било каде на друго место

- Кога последен пат Македонија била горда? – Гордоста не може да се врзе со последен пат, бидејќи стекнувањето гордост е процес. Процесот трае низ сите три Илиндени. Кога велам повторно горда, мислам на она што се случуваше во последниот мандат. Тогаш целосно ја изгубивме гордоста. 80 години подоцна, се што беше запишано во АСНОМ го нема или е деформирано. Втората причина е состојбата во која се наоѓаме, сиромаштијата, ниските плати, најнесреќен народ, цикличен хибриден режим, граѓани кои протестираат, влада која секој месец ги менуваше министрите, измените на Кривичниот законик, зависното судство... Наместо главна корекција или бранител или гарант, Судскиот совет тоа не е, туку е фактор на политизација и партизација.

- Дали зборот „повторно“ се однесува на периодот пред 2017 година? Не се однесува на периодот пред 2017 година, гордоста е процес во континуитет. Ако зборуваме за националните интереси, да. Пред да се посегне по менувањто на Преамбулата, пред да се посегне по фамозното референдумско прашање: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО?“ итн.

- Одлучни сте дека сте против уставните измени. Тогаш како Македонија ќе ги продолжи преговорите со ЕУ? Ако вие однапред ветите дека ќе има уставни измени го суспендирате Собранието како законодавно и уставотворно тело. Уставот вели, пратениците одлучуваат и гласаат по сопствено уверување? Пак ли ќе правиме Преспа 2? Никој претседател не може да вети дека ќе има уставни измени.

- Што доколку се случат овие уставни измени во можниот ваш мандат како претседател? Невозможно. Тоа е неуставно. Деловникот пропишува долга постапка за уставни измени. Второ, ќе се распушти овој Парламент. Невозможно е да носи уставни измени рапсуштен парламент без легитимитет. Венецијанската комисија вели дека во последните 6 месеци не смее да се менува дури ни изборно законодавство, а не пак Устав.

- Борбата против корупцијата ја имате напишано во почетокот на Програмата како еден од мотивите за да се кандидирате. Како вие како претседател можете да промените нешто во однос на спречувањето на корупцијата? Сигурно не со реторика. Но можам ако ги употребам спрегите и кочниците кои во своја надлежност ги има претседателот. Најпрво, обраќањето пред Собранието, не еднаш во годината, туку повеќе пати. Едно од обраќањата ќе биде токму за неефикасната борба со корупцијата и криминалот. Понатаму преку употреба на ветото, тоа е механизам за спречување на корупција и криминал. Тоа може да се направи ако во Уставниот суд седат двајца најдобри претставници на предлог на претседателот. Тоа може да се направи ако во дипломатијата не одат луѓе кои на коруптивен начин, партиски, политизиран се одметнале да ја претставуваат Македонија. Ингеренциите за именување во безбедносните структури. Други спреги и кочници во однос на владата и се разбира самиот претседател со сопствениот пример.

- Во предизборниот период слушанвме дека другите претседателски кандидати, па и партии обвинуваат за руски влијанија во Македонија. Кој е вашиот став за ова? Факт е дека Русија има овде геостратешки интереси. Но и да има овде политички актери некои, мислам дека се маргинални. Кога зборувам за политичкиот живот, за моделот, тој е еден. Затоа јас велам владеење на право и Копенхагенски критериуми. Се знае дека ние сме биле географски, историски, културно дел од Европа. Се знае дека ЕУ или Европската заедница не храбреше во распаѓањето на комунизмот. Јас очекував една стратегија за Западен Балкан бидејќи демократија се учи внатре. Не се оди во ЕУ на воз кон Брисел, туку овде сакам да ги препознаам тие стандардни. Значи, има геополитика, веројатно има влијанија, но мислам дека далеку од тоа Русија може да биде ефективна овде. Колкав е ризикот, не знам. Тоа треба да го каже сегашниот претседател во Советот за безбедност, бидејќи тие треба да ги имаат во предвид сите безбедносни дилеми од секаков вид. Меѓутоа, ако сме кредибилна членка на НАТО, тогаш имаме дел од заштитата. Точно е дека во близина се случи војна. Ние веднаш покажавме став, мислам дека на правата страна сме. Меѓутоа, ме вознемирува немирот во светот.

- Во вашата Програма велите дека прашањето за Преспанскиот договор е се уште отворено. Зошто го сметате за отворено и како ќе се затвори? Зошто е отворено? Тоа го кажаа моите колеги експерти. Договорот не win-win солуција, туку win-lose. Токму по концептот на Тукидид, дека силните го прават тоа што можат, а слабите тоа што мораат. Особено ако сфатиме дека тоа значеше и вмешување во внатрешните работи. Името, грбот, знамето, политичкиот систем според Повелбата на ООН, според Пактот за граѓански и политички права се дел од правото на самоопределување. Ова низ призма на спорноста во меѓународното задолжително право – jus cogens. Но, јас сум загрижена и во поглед на едностраната реализација. Ако ги анализираме изјавите на грчките политичари, па дури и на новинарите, ќе видите дека споменуваат all inclusive попуштање од страна на соседот. Кога ќе речам јас дека е отворено прашањето, објаснете ми, како може да се рече дека само ние немаме малцинство во Грција, а постои Виножито, на пример. Јас не гледам во Грција ништо спроведено од Преспанскиот договор. Треба да постои двостраност, треба да има добра волја. Сте чуле да се спроведат меморандумите? Последната изјава е: „Прво да спроведе Македонија се, па потоа ние меморандумите“. Ако се повикаме на самиот Преспански договор, во делот на административниот и политичкиот период, се вели дека документите во соседната земја, тоа сме ние, ќе се менуваат по отворањето на првото поглавје од преговорите со ЕУ. Кое поглавје ние го отворивме? Отворете ги наназад весниците, во нив се велеше дека откако ќе го склучиме Преспанскиот договор, ние готово ќе влезиме во ЕУ. Дали се случи тоа? Не! Со вакви преседани и отстапки, само ќе создаваме нови и ќе чекаме повторно да се случи нешто друго.

- Велите дека придавката „северна“ нема да ја користите во вашите јавни настапи. Дали тоа значи дека нема да ја користите и во меѓународните односи? – Право на самоопределување. Јас нема да ги тргам таблите бидејќи некој потпишал овде, тоа е факт. Меѓутоа јас зборувам за себе. Ни во Венецијанската комисија, ни во Советот на Европа не сум употребувала ФИРОМ оти е бессмислено. Не сум јас волшебничка, па да дојдам од поранешна држава. Има ли посегашна држава од Македонија? Мене сето тоа ми е бессмислено и нелогично. Република Северна Македонија има логика само ако има Република Јужна Македонија. Но, нема!

- Едно е да држите лекција по европско право, а друго е реалноста – Не е тоа е лекција, тоа е политика. Политиката мора да биде во границите на правото, инаку не е политика. Сакам да живеам во една пристојна, досадна држава во која ќе има исти принципи како во Брисел или било каде на друго место.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/04/2024 14:39