Најголемата тиквешка пропаст, драгожелската, била и се уште е мистична дури и за многумина од жителите од најблиското село Драгожел, Кавадаречко. Луѓето веруваат дека постои проклетство поврзано со оваа јама и најчесто од страв ја заобиколуваат. Мештаните и овчарите ги одвраќаат случајните минувачи и љубопитници од намерата да се доближат до „таинствената дупка, чие дно не се догледува". Тие што сакаат да ја проверат длабочината фрлаат камен, за момент запираат да дишат и чекаат кога каменот ќе удри во дното...

Вака ни раскажуваа спелеолозите и планинарите на планинарското спортско друштво „Орле" од Кавадарци, што постои седумдесетина години. Деновиве заедно со нив бевме да ја посетиме пропаста кај Драгожел. Овој спелеолошки објект, заедно со Арамиска пештера што е во близина, се дел од нивниот проект за заштита. Како што кажа претседателот Никола Минчоров, за МИА, целта на заштитата е да бидат поштедени од златомани и други несовесни лица кои би ги оштетиле овие природни богатства заштитени со закон.

- Јас сум првиот што има влезено во пропаста пред многу години. Длабока е стотина метри. Длабочината сигурно била поголема, но отсекогаш овде луѓето фрлале камења за да ја проценат нејзината длабина, па така сега долу има „планина од камења". Најдолу има и канали, како и вода понорница, практично река, кога има многу врнежи. При моето влегување во пропаста открив три човечки костури. Се почувствував непријатно, необично, но... Претпоставувам дека костурите се на тројца, за кои сум слушнал од месното население дека во минатото биле фрлени во пропаста. Двајца браќа, биле зулумџии од кои селаните немале мир, па решиле на таков начин да се ослободат од нив. Третиот, пак, како што се раскажува, бил кодош, ми објасни Благој Лазов -Бенџо, спелеолог - инструктор.

Тој појасни дека на дното од пропаста има проширување во вид на хала и рекичка што понира.

- Долу владее чудна тишина. Дури застрашувачка. Во еден момент кога им дадов знак на моите горе да ме повлечат за јажето, како да почувствував нечие присуство во јамата. Едноставно, се почувствував како да не бев сам. Одеднаш слушнав едно „клак"! Што може да биде, се сепнав. За миг ме обзеде немир. Нешто светна пред мене. Уф, па тоа беше само обична жаба. Се насмеав, призна Бенџо.

Спелеолозите пред многу години извадиле од пропаста еден череп, со намера стручни лица да откријат повеќе детали за него и самата пропаст.

- Најверојатно од сугестија, некои од нас по извесно време почнаа да чувствуваат главоболки. Којзнае зошто, но го поврзавме тоа со нашиот пријател, черепот. Почувствувавме грижа на совеста бидејќи му го одзедовме спокојството. Поради тоа, тогаш решивме да го вратиме назад. Снегот вееше толку многу, што нашите траги веднаш ги затрупуваше. Пешачевме два часа. Кога го вративме черепот, си раздадовме крај пропаста, винце, локумче, пишии.... За десетина минути снегот престана, а тоа повторно не наведе да бидеме суеверни и да веруваме дека постојат натприродни сили. Оттогаш никого од нас, повеќе не го боли така глава, ни раскажа Бенџо.

Нашата авантура започна од Кавадарци. Најпрвин возевме до висорамнината Витачево. Од реката Каменица, што се влева во Тиквешко Езеро, низ околината, се движевме пешки. Пешачевме и уживавме во околната природа, во раскажувањата како се случувало низ годините некое животно да залета во пропаста. Затоа луѓето ставале дрва за да ја покријат пропаста и да не дозволат да одзеде уште нечиј живот.

- Но пропаста долу има влага, не е константна температурата горе и долу, дрвата многу брзо се скапувале и паѓале долу. Затоа меѓу народот се пренесува дека пропаста „влече". Кога првпат дојдовме тука, тој што ни ја покажа, не ни дозволуваше да одиме кај неа, велејќи дека дупката ќе не повлече и нас, коментираа искусните спелеолози и планинари за МИА.

Поминавме прекрасен ден во природа. Уживавме со сите сетила. Го почувствувавме мирисот на цвеќињата, звукот на птиците и инсектите, жуборот на водата што тече како да зборува. Таму и храната има поубав вкус. Со нашата камера го регистриравме стадото крупен добиток што спокојно си пасеше во таа убавина од разеленета околина. Човек навистина да одмори, во вистинската смисла на зборот. За момент да заборави на проблемите и да одмори буквално од сите други нешта и да се посвети себеси и на прекрасната природа. И најважното, да одмори од телефонот и интернетот, оти таму нема мрежа. А неколку часа без телефон и интернет, како рај на земјата.

Светлана Дарудова



Автор: Администратор
Објавено на: 21/04/2024 22:17