Христијан Мицкоски и Гордана Сиљановска го лажат народот и секој ден повторуваат дека уставни промени нема да има под бугарски диктат, а пред странските дипломати изразуваат формална подготвеност за деблокада, истакна кандидадтот за претседател на СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски на денешниот централен митинг во Скопје.
- Висок претставник од нивната сестринска партија од Германија, по разговорите со нив рече дека е убеден дека ќе гласаат за уставните промени, а, овие и понатаму секој ден повторуваат дека уставни промени нема да има под бугарски диктат, рече Пендаровски.
Говорејќи за понудата на најголемата опозициона партија во текот на политичката кампања, Пендаровски оцени дека наместо предлози за подобро денес и утре на граѓаните и на државата, тие ги рециклираа истите политички решенија кои ја донесоа државата во статус на изолирана и заробена, со власт која монтираше политички процеси и земја во која имаше политички затвореници и новинари во затвор.
- Да бидеме искрени, дали некој воопшто од нас кој го памети режимот, имаше причина да се надева на поинакво однесување од партијата која организираше насилен упад во парламентот, а, денес и по седум години, не само што не се извини на жртвите и на целиот народ поради тој срамен чин, туку најавува амнестија на насилниците кои беа спремни да убиваат само за нивните политички ментори да останат на власт, рече Пендаровски и праша дали во оваа кампања понудија нешто во однос на двата клучни предуслови за стабилна и просперитетна држава: евроатлантските интеграции и меѓуетничките односи?
Посочи дека оозицијата и нивната кандидатка за претседател во обид да ги манипулира граѓаните, го трансформираа ставот за интеграцијате во НАТО.
- Лично од нивната кандидатка за претседател чувме дека интеграцијата во НАТО алијансата била важна за стабилноста на земјата, а истата личност пред 4 години бараше кривична одговорност за потписниците на Преспанскиот договор. Партијата која ја поддржува, за овој политички лупинг не кажа ниту збор, мислејќи дека ги имаме заборавено жестоките критики и тешките лични навреди упатени кон сите нас, кои го поддржуваме тој договор. За да биде парадоксот уште поголем, високи претставници на таа опозициона партија поверуваа во сопствената пропаганда и две години по усвојувањето на преговарачката рамка сѐ уште не знаат што пишува во неа: имено, дека целокупното европско законодавство ќе биде преведено и на македонски јазик, а македонскиот ќе биде еден од официјалните јазици во таа организација во моментот кога ќе станеме членка. Сакаат да заборавиме и дека во септември минатата година не се случи потпишувањето на договорот со Фронтекс, европската агенција за чување на границите на Шенген зоната кој го потпишавме и на македонски јазик, кажа Пендаровски.
Тој потенцираше дека „нивниот таканаречен предлог за деблокада на европскиот пат кој им го подметнуваат на сопствените граѓани е да ја репреговараат преговарачката рамка со Унијата, иако сите високи претставници на ЕУ велат дека тоа е завршена работа“.
На денешниот собир во Скопје, претседателскиот кандидат Стево Пендаровски се осврна и на меѓуетничките односи, истакнувајќи дека од независноста на земјата досега, тие се најстабилни бидејќи, како што рече, оваа политичка гарнитура знае дека освен евро-атлантските интеграции, соживотот е еден од двата клучни фактори за напредок на земјата. Но и за ова прашање, како што поосчи, опозицијата не води сметка.
- Пред секои избори, како по правило, бараат 61 пратеник за наводно да не биле условувани од Албанците, а, пред некој ден повикаа на формирање на семакедонски патриотски фронт, исто како во времето на режимот, не водејќи сметка дека етничката хомогенизација во мултиетничка држава како нашата е рецепт за дестабилизација, рече Пендаровски.
Во тој контекст, се осврна и на неодамнешната изјава на Силјановска во која, како што наведе, кажала дека ќе направи нов граѓански Устав, а притоа, како што подвлече Пендаровски, не објаснила дали во него ќе има место за Македонците.
- Најнова идеја промовирана во кампањата им е предлогот за носење на целосно нов граѓански устав за кој опозиционата партија до сега се нема произнесено зошто ни е тоа потребно и дали таквиот устав може да го наруши концептот воспоставен со Рамковниот договор, рече Пендаровски.
На централниот митинг во Скопје, порача и дека очекува изборна победа на 8 мај и оти анкетите на опозицијата се лажни.
- Ги знам нивните лажни анкети, ги знам и реалните анкети и реално ви кажувам дека победуваме на 8 мај. Со заокружување на бројот 1 продолжуваме кон Европа и кон развиениот свет и дефинитивно не се враќаме назад во режим и заробена држава, рече Пендаровски и повика на масовна излезност на 24 април и на 8 мај, за како што рече, да не се враќаме во режим