Осврнувајќи се на односите со соседите кандидатот за претседател Стево Пендаровски во дебатата на МТВ порача дека во Европската преговарачка рамка, отсекогаш постоела и регионална клаузула.
„Договорот со Бугарија е споменат во Европската преговарачка рамка. Од 1997 година постои регионална клаузула секој пат кога одите кон ЕУ, секој пат. И во истата реченица во Европската преговарачка рамка за нас во која се спомнува со Бугарија, се спомна и Преспанскиот договор и Охридскиот рамковен договор“ порача Пендаровски.
Тој истакна дека условот за влез во ЕУ е јасен, дека нема поинаков пат и направи споредба со приемот на Македонија во Организацијата на обединетите нации
„Ние можеме да одиме многу назад во историјата. Од нашето зачленување во Обединети Нации, сите знаеме, четири услови се за станување членка во ООН. За нас беше измислен петти и 25 години бевме поранешна југословенска република. Одиме до таму до кадешто можеме, мала држава сме, не да клекнеме сосема и да нè тепа кој стигне, си ги кажуваме аргументите, ама некој да ми каже дека ние можевме да им речеме примете не како Република Македонија во 1993 година, тоа беше невозможно иако тогаш имаше и такви луѓе кои тоа го заговараа, но сега прашање дали ќе имаше било што во државата ако не бевме членка на Обединети Нации“ посочи Пендаровски.