Не е никаква храброст државата да му ја поклониш на Али Ахмети како што тоа го направи Димитар Ковачевски. Не е никаква храброст да создадеш извитоперен артаноиден режим каде владее криминалот и корупцијата. Храброст, вистинска храброст е да подигнуваш семејство и заработуваш за него во овие тешки услови за земјава и власта која безмислосно го краде народот, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вечерашниот митинг во Штип, со што се заокружува кампањата, за првиот круг на претседателските избори, но продолжува претставување на програмите и кандидатите за пратеници на партиите за парламентарните избори.

Мицкоски посочи дека државата е киднапирана од ДУИ, а според него главен соучесник е СДСМ.

- И навистина претераа. Ја прекардашија што вели народот. Цела изборна кампања ниту Ковачевски ниту Пендаровски не го нападнаа Али Ахмети и ДУИ. А дека ДУИ е матицата на власта и криминалот покажа и вчерашниот ден. Двете партии правеа митинг во Скопје, на собирот на СДС 3000 луѓе, кај ДУИ над 15 илјади. СДС се претвори во огранок на ДУИ, нивна општинска организација. СДСМ не е повеќе партијата која ја создаваше Глигоров, или за која се бореше Црвенковски со кои секогаш ВМРО-ДПМНЕ имало огромни разлики и меѓусебни борби, но никогаш не се доведувало прашањето за национално единство, рече Мицкоски.

Забележа дека денес СДСМ е партија привезок на ДУИ, а какошто рече нејзин нем послушник во исполнувањето на заверата против Македонија. Мицоски од митингот во Штип ја повикав албанската опозиција на обединување против оваа власт.

-И изразив јавна намера дека веднаш по изборите, уште првиот ден ќе остварам контакт со нив за заедничка соработка основана на принципи околу кој ќе се обединиме. Уште истиот ден се јави Али Ахмети, нервозно одговарајќи, прозивајќи ме со навреди и доза на закани. Не знам дали Али ме помешал со Ковачевски кој збор не му изустува, или со Стево кој три пати на ден му бакнува рака, но треба да знае дека неговите закани не само што не ме заплашуваат, туку ме мотивираат и засмејуваат, вели Мицкоски.

Според лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Мицкоски таквитe напади се израз на нервоза, израз на паника и страв бидејќи знае дека ќе загуби.

-Ќе си ги загуби и чираците од СДСМ. Ова не е 2001, туку 2024, 23 години подоцна ДУИ е претворена во криминална организација, рече Мицкоски.

ВМРО ДПМНЕ денеска својата Платформа 1.198 ја презентираа пред граѓаните во општините Лозово, Карбинци, Пробиштип и Штип, каде што се обратија и кандидатите за пратеници и носителот на листата за пратеници на ВМРО ДПМНЕ во ИЕ 3, Драган Ковачки.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/04/2024 00:00