Американската Национална воздушно-вселенска администрација - НАСА објави видео oд летови на вселенскиот хеликоптер „Генијалност“ (Ingenuity) на Марс.

Видеоснимката прикажува каде се движело леталото за време на своите 72 лета на „Црвената Планета“. Вкупната должина на летовите што ја снимил хеликоптерот е вкупно 17 км, што е 14 пати повеќе од првичната замисла. Тежок само 1,8 кг., „Генијалност“ пристигна на Марс во февруари 2021 година - заедно со роверот „Истрајност“ (Perseverance) на НАСА. Леталото е дизајнирано како технолошка демонстрација, но неговата главна задача беше да ја докаже можноста за истражување на Марс од воздух и покрај ретката атмосфера на оваа планета, којашто е само 1 отсто од густината на атмосферата на Земјата.

Продолжената мисија, исто така, траеше подолго од очекуваното, меѓутоа, „Генијалност“ доживеа несреќа на 18 јануари, кога неговите пропелери беа оштетени при грубо слетување. Тоа значи дека уредот е неподвижен и веќе нема да лета, но не е и „мртов“. Сега служи како уред за следење на временските услови, за тестирање технологија и собирање податоци што би можеле да им помогнат на идните истражувачи на Марс.

Добивањето на тие податоци наскоро ќе бара и физичко присуство на нам соседната планета.

Успехот на „Генијалност“ може да го отвори патот и за пообемно воздушно истражување на Марс во иднина. Членовите на тимот на мисијата веќе работат на поголемо и пооспособено вселенско летало заради собирање нови научни податоци за „Црвената Планета“.

Марс не е единственото место во Вселената каде што НАСА има намера да користи дрон. Во 2028 година, вселенското летало „Вилино коњче“ (Dragonfly) би требало да биде испратено до големиот природен сателит на Сатурн - Титан, каде што има езера, мориња и реки од течен јаглеводород. Вселенското летало од 450 килограми, според наводите, ќе може „да скокнува“ од едно место до друго, истражувајќи ја површината на ова далечно вселенско тело, меѓу другото - и заради проценување на неговата населливост



Автор: Администратор
Објавено на: 23/04/2024 05:23