Хуан Пабло Ескобар, познат и како Себастијан Марокин, е писател, архитект, дизајнер, предавач, но и син на еден од своевремено најбараните од силите на редот и Законот и најбогатите луѓе во светот, Пабло Ескобар.
Во дијалог со слушателите Хуан зборува за своето животно искуство, за раното детство исполнето со моќ и изобилство од најсурово насилство.
- Без сомнение, презимето Ескобар носи многу негативна конотација поради насилните постапки на татко ми во минатото. Меѓутоа, денес, и секој ден последниве 30 години, се будев бирајќи мир. Затоа верувам дека оваа приказна, и покрај нејзиниот огромен мрачен товар, може да ни донесе многу позитивни лекции. Имав необична привилегија да бидам син на Пабло Ескобар. Тој ми беше одличен татко. Имам илјадници писма што ми ги напиша давајќи ми разни совети коишто ме охрабруваа да се образувам, да бидам добар човек, да останам далеку од сè што е лошо, вели синот.
Неговиот татко, Пабло Ескобар, некогаш седмиот најбогат човек на светот, е инспирација за бројни книги, филмови, сапунски опери, цртани... Сепак, Ескобар - синот вели дека не е љубител на продукции засновани на ликот и делото на неговиот татко.
- Она што не го прифаќам е тоа што ваквите емисии често го прикажуваат како херој, а тоа може да ги збуни младите луѓе, и тие да мислат дека неговите активности се рецепт за успех, појасни Хуан Пабло.
Посетувајќи досега над 40 земји во светот, тој говори за добрите и лошите страни на татко сѝ, а едно од позанимливите негови јавни настапи е она со Хорхе Лара - син на министерот за правда Родриго Лара Бониља, чие убиство го нарачал Пабло Ескобар.
- Не можам да мразам личност која претрпела последици од една земја, рече тогаш Лара, мислејќи на Хуан Пабло.
Ескобар синот, пак, вели дека лично разговарал со околу 150 семејства - жртви на насилството на неговиот татко.
- Не сум сретнал некој кој го одбил моето барање прошка во име на татко ми. Ова ме охрабрува да верувам дека мирот не е утопија и дека навистина може да се постигне, вели Хуан Пабло.
Тој потсети дека лично сè уште трпи последици од криминалното минато на својот неславен татко.
- Чекам 14 години и не можам да се вратам во Колумбија и да ги посетам жртвите на татко ми. Сè уште сум во егзил, но и покрај сè, горд сум што избегнав да станам „помладата верзија“ на татко ми, додаде Хуан Пабло.
И книгата на Хуан - „Мојот татко Пабло Ескобар“ раскажува за нивните животи, сосе сите сложени односи што синот ги има со неговата мајка и сестра сѝ