„Кревките Шуми“ на Александар Методијев и Сузана Мицева и „Штипските пожарникари имаат над 70 интервенции по завршување на жетвата“ на дописничката на МИА од Штип, Викторија Димитрова Јованова, се добитници на наградата за најдобра новинарска сторија на тема „Факти и дезинформации за човековата околина“ која ја доделува Советот за етика во медиумите на Македонија.

СЕММ денеска додели и три пофалници на новинарот Мартин Пушевски, за серија текстови за животната средина поврзани со аерозагадување, рудници и акции за пошумување, и новинарките Вања Мицева за серија текстови за скопската човекова околина, мега парковите и гробиштата за миленици и Светлана Дарудова, дописничка на МИА од Кавадарци, за сторијата „Милионска загуба, отпадот од лозје загадува наместо да се користи за енергија“.

На повикот пристигнале 20 трудови од 13 новинари, а во жири комисијата учествувале, Билјана Георгиевска – директорка на СЕММ, Васко Маглешов – новинар и Кирил Сотировски, декан на факултетот за шумарски науки.

Претседателката на СЕММ, Билјана Георгиевска на доделувањето на наградите истакна дека наградата што ја доделуваат е обид и поттик овие теми да се најдат повисоко во агендата на медиумите.

- Добивме 20 трудови, тоа нѐ радува бидејќи темата е врзана со една тесна област која неправедно во другите медиуми е потисната и ретко гледаме цели емисии за животната околина, на фактите кои што сѐ уште ги немаме најчесто во нас и на дезинформациите кои го одвраќаат вниманието и спречуваат да се случи акција, рече таа.

Шефот на Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, амбасадорот Дејвид Гир, истакна дека е време е за дејствување по овие теми.

- Со цел да се случи тоа, јавноста мора да има пристап до веродостојни информации во однос на обемот на овие прашања, во однос на одговорноста и можните дејствувања за тоа да се намали, рече тој.

Според него, тука новинарите имаат клучна улога, со тоа што ќе ја информираат јавноста, ќе ги расветлат злоупотребите и праксите кои што се практикуваат, а притоа ќе прикажуваат и кои се добри модели за дејствување

Џошуа Масаренти – регионален проектен координатор на УНЕСКО, со седиште во Сараево (БиХ), дополни дека не е случајно што овој натпревар е дел од програмата на УНЕСКО.

- Овој проект негува слобода на изразување во југоисточна Европа преку промовирање на слободни плуралистички медиуми и препознавање на новинарството како јавно добро и справување со дезинформациите. Овој проект ја подобрува обврската и капацитетите на новинарите за да се осигураат дека се придржуваат до етичките стандарди на новинарството, рече тој.

Во рамките на настанот беше промовиран и прирачник за подобро известување околу вештачка интелигенција.

СЕММ ги доделува наградите како активност во проектот „Градење доверба во медиумите на Југоисточна Европа:поддршка на новинарството како општо добро“ поддржан од УНЕСКО и Европската Унија.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/04/2024 19:38