Вкупно 1601 набљудувач, странски новинари и преведувачи се акредитирани за следење на денешните Претседателски избори.

Како што соопшти Државната изборна комисија (ДИК) акредитирани се 915 домашни и 544 странски набљудувачи, како и 84 преведувачи и 58 странски новинари.

Од домашните, најбројни се набљудувачите на Здружението за развој на општествено-социјални новации Ваке уп - Скопје 752 набљудувачи, како и од мисијата на ОБСЕ/ОДИХР со 344 набљудувачи.

Освен овие организации акредитирани за набљудување на Изборите за претседател 2024 се Здружението на граѓани ЦИВИЛ – Центар за слобода – Скопје, Здружението за промоција и развој на инклузивно општество Инклузива Куманово, Фондацијата Ромите за демократија – Скопје, Парламентарното Собрание на Советот на Европа – ад хок комисија за набљудување претседателските избори во Република Северна Македонија, Националниот демократски институт за Надворешни работи, Вашингтон САД – подружница Република Северна Македонија, Центарот за развој на изборни системи, реформи и обука (тренинг центар) на Централна Изборна Комисија на Грузија, Амбасадата на Република Словачка во Скопје, Центарот за развој на изборни системи, реформи и обука (тренинг центар) на Централна Изборна Комисија на Грузија и Европската асоцијација за дијалог и демократија – Берген, Норвешка.

Изборите за шеф на државата ќе ги следат и 58 странски новинари, меѓу кои и од агенциите Ројтерс и Франс прес, Еуроњуз Албанија, Европската прес фото агенција – ЕПА, Ал Џазира Балкан, Гласот на Америка – македонска редакција, Топ Канал Албанија – отсек Косово и други.

Седмите претседателски избори во земјава ќе се одржат на 24 април, а евентуалниот втор круг заедно со парламентарните на 8 мај.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/04/2024 15:20