Колку е поголем бројот на тие кои гласаат толку промените ќе бидат посилни. Со масовна излезност на изборите заеднички ја определуваме траекторијата по која ќе се движиме, порача денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
По гласањето на првиот круг од претседателските избори на избирачкото место во ОУ „Димо Хаџи Димов“ во Општина Карпош Мицкоски истакна дека сега целата сила е во рацете на граѓаните, а стотината кои изминатиот период одлучувале се безгласна буква.
Денеска е посебен убав сончев ден, ден кога треба граѓаните да излезат и да гласаат, кога сета сила е во рацете на граѓаните. Оние малкумина стотина кои изминатиот период одлучуваа за судбината на граѓаните сега се безгласна буква. Денеска граѓаните се тие кои одлучуваат за иднината на своите семејства, иднината на Македонија, на своите деца. Затоа мојата порака денеска е да се излезе, да се гласа, секој да одвои 10-ина минути од своето време бидејќи на тој начин одлучува за иднината на своите деца, на своето семејство и иднината на Македонија, изјави Мицкоски.
Според него, колку е поголем бројот на тие кои гласаат толку, како што рече, промените ќе бидат посилни. - Затоа повикувам на масовна излезност, граѓаните да излезат и да гласаат и заеднички да ја определиме траекторијата по која ќе се движиме, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски.