Во 19 часот затворени се избирачките места на кои граѓаните на Република Македонија денеска можеа да гласаат на седмите претседателски избори. По затворањето на избирачките места ќе можат да гласаат само лицата кои во тој момент се затекнале во објектот каде што се гласа.
Гласачките места беа отворени во 7:00 часот. Право на глас имаа 1.814.317 граѓани лица запишани во избирачки список. Тие на 3.480 избирачки места можеа да се изјаснат за еден од седумтемина кандидати Стево Пендаровски, Гордана Силјановска Давкова, Стевчо Јакимовски, Бујар Османи, Билјана Ванковска, Арбен Таравари и Максим Димитревски.
Одѕивот на претседателските избори до 18 часот изнесуваше 47,61отсто, и е поголем од последните избори за шеф на државата во 2019 година кога до 19 часот на гласање излегоа вкупно 41,67 отсто од запишаните избирачи.
Според првичните оценки на ДИК, МВР и набљудувачите, изборниот ден помина мирно и без проблеми.
Вчера, ден пред изборите, гласаа иселениците, лицата во казнено-поправните домови, внатрешно раселените, немоќните и болните кои го побарале тоа од општинските изборни комисии.
Записниците и другиот изборен материјал избирачките одбори ги доставуваат до ОИК во рок од пет часа по завршувањето на гласањето. Надлежната ОИК потоа ги сумира резултатите од гласањето, составува записници и ги предава на ДИК.
ДИК првичните резултати од гласањето добиени по електронски пат ги објавува сукцесивно, а резултатите од записниците од ОИК во рок од 12 часа по завршувањето на изборите.
Конечните резултати од изборите ДИК ги објавува во рок од 24 часа од денот на нивната конечност.
За претседател ќе биде избран кандидатот кој освоил мнозинство гласови од вкупниот број евидентирани избирачи, односно 907.159 гласови.
Ако никој не го добие потребното мнозинство, ќе се организира втор круг во кој одат двајцата кандидати кои добиле најмногу гласови. Вториот круг на гласање се одржува во рок од 14 дена од завршувањето на првиот круг, во случајов на 8 мај, заедно со парламентарните избори.
За шеф на државата ќе биде избран кандидатот кој добил мнозинство од гласовите, доколку на гласачките места излегле повеќе од 40 отсто од запишаните избирачи, односно 725.727 гласачи, што е предвидено во Изборниот законик, а за него гласале 362.864 избирачи.
Доколку и во вториот круг ниту еден од двајцата кандидати не добил потребен број гласови, се повторува целата изборна постапка.
Денешните претседателските избори ги следеа вкупно 1601 набљудувач, од кои 915 домашни и 544 меѓународни набљудувачи, како и 58 странски новинари.
Ова се седми непосредни избори за претседател од независноста на државата. Претходните беа одржани во 1994, 1999, 2004, 2009, 2014 и во 2019 година