Претседателскиот кандидат на коалицијата „Храбро за Македонија“ предводена од ГРОМ, Стевчо Јакимовски на прес-конференција оцени дека денешниот изборен ден поминал мирно и достоинствено и дека сме покажавме дека можеме да направиме мирни и достоинствени избори.
- Јас во оваа изборна кампања немам никаква забелешка на однесувањето на моите противкандидати, на нивниот вординг, на нивниот речник, освен една забелешка што имавме само една дуел емисија и освен онаа забелешка дека двајца кандидати беа исклучително финансирани за медиумско претставување во оваа изборна кампања што сметам дека во следните избори тоа треба да се корегира и да биде рамноправна поделба на средствата. Сметам и дека немањето на дуел емисии ја направи оваа кампања не толку атрактивна и од тие причини гледаме дека се уште немаме 50 отсто од излезеност на граѓаните на гласачките места, истакна Јакимовски.
Упати критика за гласањето во дијаспората бидејќи таму, како што посочи е работен ден и граѓаните имале проблем да излезат од работа.
- Јас со луѓе што контактирав од дијаспората ми велат не можеме да им објасниме на нашите работодавачи, на нашите колеги, сметаат дека ги лажеме да излезеш од работа за да одиш да гласаш затоа што во нашите земји се’ се одвива онлајн и мислам дека ова е исто така еден голем недостаток којшто треба да се поправи до следните претседателски и парламентарни избори, рече Јакимовски.