Американскиот претседател Џо Бајден денеска повика да се дозволи новата хуманитарна помош веднаш да стигне до Палестинците во Појасот Газа додека Израел, клучниот сојузник на САД, се бори таму со Хамас.

„Веднаш ќе ја обезбедиме таа помош и ќе ја зголемиме... вклучително и храна, медицински материјали, вода“, рече Бајден по потпишувањето на законот за воена помош за Израел и за Украина, кој вклучува и милијарда долари хуманитарна помош за Газа.

„Израел мора да се погрижи сета оваа помош да стигне до Палестинците во Газа без одлагање. Со ова значително ја зголемува хуманитарната помош што ја испраќаме до невините луѓе во Газа кои тешко страдаат“, рече Бајден.

Тој додаде дека „тие ги трпат последиците од оваа војна што ја започна Хамас“.

„Ние напорно работиме со месеци за да обезбедиме што е можно поголема помош за Газа“, истакна Бајден.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/04/2024 05:44