Резултатите од скопските општини во изборната единица 2 ја комплетираат сликата за убедливата победа на Силјановска Давкова во главниот град.
Според официјалните податоци на ДИК, Силјановска забележа убедливи победи и во Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров и Чаир.
Со повеќе од 5.000 гласа разлика Силјановска забележа победа во Бутел, каде што доби 7.361 глас наспроти 2.183 за Пендаровски, додека разликата во нејзина полза во Ѓорче Петров изнесуваше над 7.000 гласа. За неа, во оваа скопска општина гласале 11.666 граѓани, додека за Пендаровски 4.635 граѓани.
„Човекот кој обединува“ и кој молчеше пред сите скандали на ДУИ, Пендаровски, загуби и во Чаир, каде што доби 1.779 гласови, наспроти 2.771 глас кои ги доби Силјановска. Изедначена беше битката помеѓу Османи и Таравари во оваа скопска општина, каде што поранешниот министер за здравство. за европски прашања а сега за надворешни работи, портпарол на партијата, претседател на општинскиот огранок во Чаир, односно „човек за се“ во ДУИ, Османи доби 10.929 гласови а за Таравари гласале 9.568 гласачи.
Во Гази Баба пак, Силјановска однесе победа од 3:1, односно доби 18.097 гласови наспроти 4.763 за Пендаровски. Во оваа општина интересно е што Пендаровски загуби на неговото избирачко место со 3:1 разлика (ИМ 2489), односно доби 77 гласови наспроти 241 за Силјановска.
Во Куманово, очекувано, победата ја однесе Максим Димитриевски (за разлика од Стевче Јакимовски во Карпош) со 14.273 гласови, но и во оваа општина Силјановска доби повеќе од Пендаровски, односно за професорката гласале 11.954 граѓани, додека за актуелниот претседател гласале 7.383 граѓани.
Од останатите општини во оваа изборна единица, Пендаровски, очекувано, однесе убедлива победа во Арачиново со 419 гласови наспроти 9 за Силјановска и во Липково - 105 наспроти 7, додека во останатите - Чучер Сандево, Старо Нагоричане и Шуто Оризари победи Силјановска.